Пребарување

Папата за време на молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар Папата за време на молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар 

Ангел Господов: Мисијата на Црквата е да навестува и да сведочи

Нашата молитва не смее да биде ограничена само на нашите потреби. Молитвата навистина е христијанска ако има универзална димензија.

Посланието на Црквата е навестување и сведоштво кои имаат универзална димензија – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов во недела 7 јули 2019 година на плоштадот Свети Петар, осврнувајќи се на евангелскиот дел од денешната Литургија кој прикажува како Исус ги испраќа, освен дванаесетте апостоли, и седумдесет и двајца ученици во мисија (Лк 10,1-12.17-20). Бројот седумдесет и двајца веројатно ги означува сите народи. Имено во Книгата Битие се спомнуваат седумдесет и два различни народи (1Мој 10,1-32). Затоа тоа испраќање однапред го најавува посланието на Црквата која го навестува Евангелието на сите народи.

На таа група ученици Исус им рекол: „Жетвата е голема, а работници се малку; затоа молете Го Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја.“ (Лк 10,2) – цитираше Папата и напомена: Тоа Исусово барање важи секогаш. Секогаш мора да Го молиме Господарот на жетвата односно Бог Отецот работниците да ги испрати да работат на својата нива која е светот. И секој од нас тоа мора да го прави со отворено срце, со мисионерско однесување; нашата молитва не смее да биде ограничена само на нашите потреби; молитвата навистина е христијанска ако има универзална димензија.

Испраќајќи ги седумдесет и двајцата ученика Исус им дава јасни упатства кои ги изразуваат карактеристиките на посланието – рече Светиот Отец и истакна: Првата веќе ја воочивме: молете; втората: одете и третата: не носете со себе ниту кесе, ниту торба...; прво кажете: Мир на таа куќа!  Не преминувајте од куќа в куќа. Лекувајте ги болните што се во него и говорете им: Се приближи до вас царството Божјо. А во кој, пак, град влезете и не ве примат, излезете по раскрсниците негови (Лк 10, 2-10). Тие императиви покажуваат дека посланието се темели на молитвата и дека тоа секогаш е во движење.

Тоа потенцира дека посланието бара ненаврзаност и сиромаштво; дека донесува мир и оздравување; знаци на близината на Божјото Царство – рече папата Фрањо и додаде дека посланието не е прозелитизам, туку навестување и сведоштво.

Ако посланието на Црквата се живее во тој облик, ќе биде обележано со радост: „Се вратија потоа седумдесет и двајцата радосни“ – рече Папата и објасни: Не се работи за минлива радост која произлегува од успехот на посланието. Напротив таа радост е вкоренета во ветувањето. Исус вели: Радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата (Лк 10,20). Со тој израз мисли на внатрешната и неуништлива радост која доаѓа од свеста дека Бог нѐ повикува да го следиме Неговиот Син. Се работи за радоста што сме Негови ученици.

Секој од нас може да мисли на името кое го примил на денот на крштението – рече Светиот Отец и нагласи: Тоа име е запишано на небесата и во срцето на Бог Отецот. Радоста произлегува од тој дар кој од секој ученик прави мисионер кој оди во друштво на Господ Исус кој од Него учи да се троши за другите без резерва, ненаврзан на себе и на сопствените добра. Да ја повикаме мајчинската заштита на Пресвета Дева Марија за да го поддржува на секое место посланието на Христовите ученици; посланието за навестување на Бог Кој нѐ љуби, кој сака да нѐ спаси и кој нѐ повикува да бидеме дел од Неговото Царство – заврши папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов.

08 јули 2019, 09:16