Пребарување

Папата на света Литургија на Духовден Папата на света Литургија на Духовден 

Папата: Светиот Дух е котва на надежта

Светиот Дух нѐ зацврстува во надежта – реча папата Фрањо на 9 јуни 2019 година во проповедта на празникот Духовден, осврнувајќи се на животот на апостолите после Исусовата смрт.

После педесет неизвесни дена, апостолите примаат Свет Дух. Од една страна Исус воскресна, го видоа, го слушаа, јадеа со Него, а од друга страна уште ги немаат надминато сомнежите и стравовите, живееле зад затворени врати, немајќи вистински поглед во иднината и неспособни за да го навестуваат живиот Исус.

Потоа доаѓа Светиот Дух и грижите исчезнуваат, апостолите повеќе не се плашат, дури и од оние кои ги затвораат – рече Папата и истакна: Претходно се грижеле како да го спасат својот живот, а сега веќе не се плашат да умрат, претходно се затворале во салата на Последната вечера, а сега навестуваат на сите народи. До Исусовото вознесение го чекале Царството Божјо за себе, а сега се нетрпеливи да појдат во непознати краеви (сп. Дела 1,6). Претходно скоро никогаш не зборувале во јавноста, а и кога зборувале само имале неволји, како Петар кој се одрече од Исус, но сега на сите им зборува со занес.

Изгледало дека учениците се само на почеток, меѓутоа обновени со младоста на Светиот Дух, тие млади луѓе кои ја чувствувале неизвесноста, биле преобразени со радоста која ги направи да бидат повторно родени – рече Светиот Отец и напомена: Тоа го направи Светиот Дух кој не е како што можеби изгледа, апстрактна работа. Тоа е најконкретната и најблиската личност, која ни го менува животот. Како го прави тоа? Да погледнеме во апостолите. Светиот Дух не им ги олесни работите, не направи спектакуларни чуда, не ги отстрани проблемите и противниците, туку во животите на учениците донесе склад, кој недостасуваше, затоа што Тој е складот.

Донесе склад во човекот – рече Папата и продолжи: Внатре, во срцето на учениците требало да бидат променети. Нивните животи ни зборуваат дека не им било доволно што го виделе Воскреснатиот, ако не се прифати во срцето. Не користи ако се знае дека Воскреснатиот е жив, но не се живее како да сме воскреснати. Светиот Дух е тој кој дава Исус да оживее и да живее во нас. Тој нѐ воскреснува одвнатре. Затоа Исус, сретнувајќи ги своите, повторува: Мир на вас (Иван 20,19.21) и го дарува Светиот Дух.

Мирот не се состои во решавање на надворешните проблеми, затоа што Бог не ги отстранува маките и прогонствата, туку во примањето на Светиот Дух – рече Папата и додаде: Тоа е мир кој е даден на апостолите, кој не ослободува од проблемите, туку ослободува во проблемите и се нуди на секој од нас. Тоа е мир кој го прави срцето слично на длабокото море кое секогаш е мирно, па и тогаш кога на површината има големи бранови. Тоа е толку голем склад, кој може прогонствата да ги претвори во блаженства.

Меѓутоа колку пати остануваме на површина – рече Светиот Отец и додаде: Наместо да го бараме Светиот Дух, се трудиме да останем на површината, мислејќи дека ќе појде на подобро кога ќе помине таа неволја, ако ја нема повеќе таа личност, ако се подобри таа ситуација. Но тоа значи да се остане на површината. Откако ќе помине еден проблем, доаѓа друг и немирот се враќа. Во оддалечувањето од оние кои не мислат како ние, нема да имаме мир; со решавањето на моменталниот проблем нема да добиеме мир. Промена е Исусовиот мир и складот на Светиот Дух.

Денес во брзањето кое ни го наметнува нашето време, изгледа дека складот е потиснат на работ – рече Папата Фрањо и предупреди: Привлечени од илјада страни, во опасност сме да се распрснеме, постојано нервозата нѐ поттикнува да правиме лошо. Се бара брзо решение, таблета по таблета како би оделе напред, чувство по чувство како би забележале дека сме живи. Но пред сѐ ни треба Светиот Дух. Тој е оној кој донесува ред во нередот. Тој е мир во немирот, доверба во обесхрабрувањето, радост во тагата, младост во староста, храброст во искушенијата. Во бурните струи на животот Тој ја фрла котвата на надеж.

Светиот Дух нѐ спречува, како што вели свети Павле, за повторно да нѐ обземе стравот, затоа што ни дава да се чувствуваме љубени деца (сп. Римјаните 8,15) – рече Папата и продолжи: Тој е Утешител, кој ни ја пренесува Божјата нежност. Без Светиот Дух христијанскиот живот е потрошен и лишен од љубовта, која сите ги обединува. Без Светиот Дух Исус останува личност од минатото, но со Светиот Дух Тој денес е жива личност; без Светиот Дух Светото Писмо е мртво слово, а со Светиот Дух е живо слово. Христијанството без Светиот Дух е морализирање без радост, а со Светиот Дух е живот.

Светиот Дух не донесува само внатрешен склад, туку и надворешен меѓу луѓето – рече Светиот Отец и додаде: Тој нѐ прави Црква, ги поврзува различните работи во една складна градба. Свети Павле тоа добро го толкува; зборувајќи за Црквата често го повторува зборот „различни“: различни харизми, различни дела, различни служби (сп. 1 Коринтјаните 12,4-6). Различни сме во разните квалитети и дарови. Светиот Дух волшебно ги дели, без изедначувања и прилагодување и поаѓајќи од тие различности гради единство. Така тоа го прави од создавањето, затоа што е стручњак за преобразба на хаосот во вселената и за воведување складност.

Нескладот денес во светот станува вистинска поделба – рече Папата и додаде: Ги има оние кои имаат премногу и оние кои немаат ништо; оние кои се обидуваат да живеат стотина години и оние кои не даваат да се родат. Во ова време на компјутери живееме оддалечени, колку повеќе имаме социјални мрежи, толку помалку сме друштвени. Ни треба Духот на единство кој ќе нѐ обнови како Црква, како Божи народ и како братско човештво. Секогаш сме во искушение да градиме гнезда, да се собираме околу својата група, кон своите приоритети, слични на сличните, алергични на секоја контаминација.

Од гнездото до сектата чекорот е краток – рече Папата и додаде: Колку пати сме влијаеле на својот идентитет против некој или нешто. Меѓутоа, Светиот Дух ги спојува различните, ги обединува далеките и ги собира распрснатите. Спојува различни нијанси во складност, затоа што гледа претходно сѐ што е добро, гледа на човекот пред сѐ отколку на неговите грешки, најпрво ја гледа личноста, а потоа неговите дела. Светиот Дух ја обликува Црквата и светот како места за своите деца и браќа. Децата и браќата се именки кои доаѓаат пред секоја друга придавка.

Денес е модерно да се додава, за жал и да се навредува – рече Светиот Отец и напомена: Подоцна стануваме свесни дека тоа е нешто лошо за оној кого сме го навредиле, но и во нас кој навредувавме. Правејќи зло, стануваме од жртви крвници, не живееме добро. Меѓутоа, кој живее по Светиот Дух донесува мир таму каде има неслога, и слога таму каде има судири. Духовните луѓе на злото возвраќаат со добро, на горделивоста со благост, на злобата со добрина, на галама со тишина, на озборување со молитва и на малодушноста со насмевка.

За да бидеме духовни и за да уживаме во складот на Светиот Дух, потребно е Неговото гледање на работите да го ставиме пред своите. Тогаш работите ќе се променат. Со Светиот Дух Црквата е свет Божји народ, посланието е зараза на радоста, а другите браќа и сестри се љубени од истиот Отец. Но без Светиот Дух, Црквата е организација, послание со пропаганда, а заедништвото е напор. Светот Дух е првата и последна потреба на Црквата. Тој доаѓа кај оние кои го љубат, повикуваат и очекуваат. Да молиме секој ден. Свети Духу, Божја хармонија, Ти кој го преобразуваш стравот во доверба и затвореноста во дар, дојди во нас. Дарувај ни радост на воскресението, постојана младост на срцето. Свети Дух, наша хармонија, Ти кој од нас правиш едно тело, влеј го својот мир во Црквата и светот. Направи не творци на хармонија, сејачи на добра и апостоли на надежта – рече на крајот од својата проповед Светиот Отец.

10 јуни 2019, 14:05