Пребарување

Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција  

Папата: Единството не ја одзема оправданата различност

Денешната катехеза за време на Генералната аудиенција, папата Фрањо ја посвети на неодамнешната апостолска посета на Романија.

Единството меѓу сите христијани иако непотполно се темели на истото крштение, и е запечатено со крвта и страдањето доживеано заедно во тешките времиња на прогони посебно во минатиот век за време на атеистичкиот режим – рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција која се одржа на плоштадот Свети Петар на 5 јуни 2019 година, осврнувајќи се на својата неодамнешна посета на Романија од 31 мај до 2 јуни, истакнувајќи дека најголема радост му била да оди среде романскиот народ како поклоник во неговата земјата.

Со Патријархот на Православната Црква и Светиот Синод – рече Папата, имавме срдечна средба на која повторно ја изразив волјата на Католичката Црква да одиме заедно во помирувањето, кон потполното единство на кое токму романскиот народ пророчки повика за време на посетата на светиот папа Иван Павле II.

Разните средби за време на 30. Апостолска посета ја покажаа вредноста и потребата за заедничко одење без разлика дали меѓу христијаните на подрачјето на верата и милосрдната љубв или меѓу граѓаните на подрачјето на општетсвената ангажираност – рече Светиот Отец и истакна, на посебен начин во земјата која главно е православна значајна и впечатлива беше прегратката со патријархот Даниил и Светиот Синод на Романската Православна Црква.

Таа важна екуменската димензија својот врв го имаше на свеченото молење „Оче наш“ во величествената катедрала во Букурешт – рече папата Фрањо и продолжи, тоа беше момент на силни симболични вредности затоа што „Оче наш“ е најголема христијанска молитва и заедничко наследство на сите христијани. Покажавме дека единството не ја одзема оправданата различност.

За време на тие три дена – рече Папата, имаше многу средби со католичката заедница: светата Литургија во катедралата во Букурешт на празникот Посета на Блажена Дева Марија, икона на Црквата која оди со вера и љубов; Литургијата во богородичното светилиште во Шимулеу Чу кое го посетуваат голем број ходочасници; божествената Литургија во Блаж центарот на источната католичка Црква во Романија со беатификацијата на седумте епископи маченици од источен обред сведоци на слободата и милосрдието кои произлегуваат од Евангелието.

Еден од тие нови блажени епископот Јулиу Хосу во затворот напишал: „Бог нѐ испрати во оваа темнина на страдањето за да простиме и да молиме за преобраќање на сите.“ Мислејќи на страшните мачења на кои биле подложени тие зборови ни се сведоштво за милосрдието – рече Светиот Отец.

Пред собраните верници на плоштадот Свети Петар, Папата потсети и на силната и радосна средба со младите и семејствата во Јаш, стар град и важен културен центар, раскрсница помеѓу западот и истокот. Тоа е место кое повикува да се отворат нови патишта по кои треба да одиме заедно во богатството на различностите, во слободата која не ги сече корените, туку привлекува на креативен начин – рече Папата и додаде: И таа средба беше со маријански карактер и заврши со посвета на младите и семејствата на светата Мајка Божја.

Последниот дел од посетата беше средбата со ромската заедница во Блаж каде Папата повторно апелираше против дискриминацијата и бараше почитување на луѓето од сите народи, јазици и вероисповеди.

06 јуни 2019, 16:45