Cerca

Vatican News
Папата со членовите на Италијанскиот спортски центар Папата со членовите на Италијанскиот спортски центар  (ANSA)

Папата: Спортот ги прави луѓето подобри

На 11 мај 2019 година, папата Фрањо ги прими во аудиенција членовите на Италијанскиот спортски центар и во таа прилика истакна дека спортот е големо училиште во кое се учи да се прифатат правилата и поразите.

Поминаа 75 години од основањето на Италијанскиот спортски ценатар (CSI), здружение кое го промовира спортот како момент на воспитување, развој, ангажирање и вклучување во општеството. За тоа скапоцено ангажирање папата Фрањо потсети за врене на аудиенција во која ги прими членовите на спомнатото здружение основано на поттик на Католичка акција, во кое освен парохиските спортски групи влегуваат и голем број друштва. Папата потоа истакна дека спортот е големо училиште ако се живее одржувајќи го надзорот над себе и почитувајќи го другиот, преку ангажирањето за да станеме подобри луѓе и учејќи да се посветуваме и да истрајуваме, и со натпреварувањето во кое не се губи насмевката и во кое се вежба да се прифати поразот. Освен тоа Папата ги поттикна да бидат господари, а не робови на сопствените ограничености.

Важна лекција која ни ја дава спортот, а која ни помага да се соочиме со секојдневниот напор во учењето и работата како и во односите со другите е тоа што во спортот е можно да се забавуваш единствено во рамките на точно одредени правила. Без правила – според зборовите на Папата, ќе нема натпреварување, туку само поединечни и несредени резултати. Кога учествувате во натпреварувањето, вие учите дека правилата се важни за заедничкиот живот; дека среќата не се пронаоѓа во разузданоста, туку во верниот стремеж на сопствените цели; исто така учите дека човекот не се чувствува слободен кога нема граници, туку кога со своите граници дава сè од себе – истакна Папата.

Спортот ги прави луѓето подобри

Светиот Отец потоа се осврна на наканата на тоа здружение кое сака да ја сведочи вредноста на спортот како средство за промовирање на прифаќањето, здравјето, вработувањето, еднаквите можности, зачувувањето на животната средина, заштитата на децата и младите, поврзаноста и општествената интеграција и истакна дека некој би можел да праша како може да се очекува спортот да биде средство за решавање на голем број проблеми и за остварување на толку длабоки промени во нашето општество.

Можеме да одговориме дека спортот тоа може да го направи затоа што луѓето ги прави подобри, и може да ја поддржи културата на дијалогот и средбата со целосно почитување. Борбата со противниците во спортските натпревари секогаш се нарекува „средба“ а никогаш „конфликт“ затоа што на крајот иако подобриот ќе победи во одредена смисла победуваат обете страни. Тоа е светот за кој сонуваме и кој одлучно сакаме да го изградиме врз основа на здравото натпреварување кое во противникот секогаш гледа и пријател и брат – истакна Папата.

Да се гледа како што гледал Исус

Играта е активност на радост, а Италијанскиот спортски центар надахнува за христијанско гледање на човекот – потсети Папата и објасни: Христијанското гледање значи да се научи да се гледаат другите луѓе и работите со Исусовите очи; со очите на Бог; со очите со кои Бог ме гледа мене; да се гледа како што гледал Исус, да се гледа онака како што гледа Бог. Тоа значи да се слушаат неговите зборови за да ги сфатиме неговите чувства и да настојуваме да ги имитираме неговите гестови. Бидете уверени, од Евангелието произлегува поубав и поправеден свет во кој различноста на другите не е причина за поделба, туку за раст и взаемна помош – рече Папата.

Мисионери и носители на надеж

Во спортот е важно да се сочува аматерската димензија, димензијата на бесплатноста – предупреди папата Фрањо и на момчињата и девојките од Италијанскиот спортски ценатр им изрази посебна желба – да станат мисионери во средините кои ги посетуваат, пренесувајќи ја радоста на секојдневното лично подобрување. Да можете секогаш да бидете благодарни на оние кои ве воспитуваат и придружуваат, на тренерите, воспитачите, родителите и на вашите семејства. Да можете да бидете носители на надежта во сите средини во кои живеете; и да бидете секогаш блиску до оние кои меѓу вас се најслаби заради инвалидитет, за да учествуваат во разни активности заедно со другите и никогаш да не се чувствуваат исклучени. Да можете исто така со своето пријателство и делотворната поддршка да ги придружувате оние кои меѓу вас се посветуваат на проектите за меѓународно спортско волонтерство кое се остварува во повеќе земји, а кое е скапоцен знак на нашето време – посака на крајот папата Фрањо.

12 мај 2019, 11:57