Пребарување

Двајца од 19 ракоположени свештеници со Папата на прозорецот на Апостолската палата Двајца од 19 ракоположени свештеници со Папата на прозорецот на Апостолската палата 

Папата: Отворениот разговор со Исус ја зацврстува желбата да Го следиме

Папата во пладневниот наговор се фокусираше на делот од Евангелието според Иван во кој Исус зборува за себе како Пастир кој дава живот вечен (Ив 10,27-30). После молитвата „Царице небесна“ Светиот Отец се осврна на Светскиот ден на молитвата за духовни звања и Денот на мајката кој се одбележува денес.

Во денешното Евангелие (Иван 10,27-30) Исус се претставува како вистински Пастир на Божјиот народ – рече папата Фрањо во пладневниот наговор кој го одржа на 12 мај 2019 година, додавајќи дека Исус зборува за односот кон овците односно кон своите ученици и инсистира тоа да биде однос на взаемно познавање. Светиот Отец истакна дека внимателно читајќи ги зборовите: „Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене, и Јас ќе им дадам живот вечен; и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги отме од раката Моја.“ (Иван 10, 27-28) согледуваме дека Исусовото делување се покажува во одредени дејства. Исус зборува, познава, дава вечен живот и чува.

Добриот пастир, Исус е внимателен кон секој од нас, нè бара и нè сака ни ги упатува своите зборови; го познава нашето срце, нашите желби и надежи, како и нашите неуспеси и разочарувања – рече Папата и додаде: Нè прима и нѐ сака такви какви што сме, со нашите доблести и мани. На секој од нас му дава живот вечен и го води со љубов, ни помага преку непроодните патеки и понекогаш по опасните улици на кои наидуваме на нашиот животен пат.

Дејствата и гестовите кои го опишуваат начинот на кој Исус, Добриот Пастир, се однесува кон нас, одговараат на дејствата кои се однесуваат на овците. Тие го слушат Исусовиот глас и Го следат. Во врска со тоа, Светиот Отец рече дека тие дејства покажуваат на кој начин би требало да одговараме на Господовиот нежен и грижлив став. Да се слуша и препознава Неговиот глас всушност вклучува интимност со Него, која се зацврстува преку молитва, и преку средбата срце со Срце со божествениот Учител и Пастирот на нашите души.

Како што истакна папата Фрањо, интимноста со Господ, отворениот разговор со Него, ја зајакнува во нас желбата да Го следиме, да излеземе од лавиринтот на погрешните патишта и да го отфрлиме егоистичното однесување за да се упатиме по нови патишта на братството и себедарувањето, наследувајќи Го во тоа Исус. Да не заборавиме дека Исус е единствениот Пастир Кој ни зборува, Кој нè познава, ни дава вечен живот и нè чува. Ние сме едно стадо и мора само да настојуваме да го чуеме Неговиот глас, додека Он со љубов ја испитува искреноста на нашето срце – истакна Светиот Отец и додаде: Од таа континуирана интимност со нашиот Пастир извира радоста на наследувањето, препуштајќи се да нѐ води до полнотата на вечниот живот.

На мајката на Христос Добриот Пастир која подготвено одговорила на Божјиот повик, папата Фрањо посебно ги препорача оние кои се повикани во свештенството и посветениот живот за да им помогне со радост и расположливост да го прифатат Христовиот повик и да бидат негови најдиректни соработници во навестувањето на Евангелието и служењето на Царството Божјо.

По молитвата „Царице небесна“ Светиот Отец се осврна на денешниот Светски ден на молитва за духовни звања, како и на Денот на мајката кој во многу земји се одбележува денес, заблагодарувајќи се притоа на сите мајки на нивната скапоцена работа во воспитувањето на децата и заштитата на вредноста на семејството. На крајот двајца неоереи претставници на 19 кои Светиот Отец ги ракоположи денес во ватиканската базилика со Папата поделија благослов на верниците собрани на плоштадот Свети Петар.

13 мај 2019, 09:13