Пребарување

Ватикан-папа Фрањо-Меѓународен каритас Ватикан-папа Фрањо-Меѓународен каритас 

Папата до Меѓународниот Каритас: Личностa пред програмата

Црквата е повикана на евангелски жар, а не на „бизнис компромиси“ - рече папата Фрањо во својата проповед на литургиското славење во базиликата во Ватикан, по повод отворањето на 21 Генерално собрание на Меѓународнародниот Каритас.

Исус не сака Црквата да биде совршен модел која наоѓа задоволство во сопствената организација, подготвена да го брани своето добро име - рече папата Фрањо на 24 мај 2019 година во базиликата Свети Петар предводејќи го Евхаристиското славење по повод почетокот на 21. Генерално собрание на Меѓународниот Каритас, кој се одржува во Рим од 23 до 28 мај под мотото „Само едно човечко семејство, само еден заеднички дом“. На светата Литургија со Папата во базиликата во Ватикан се собраа луѓе кои секој ден на терен ги слушаат луѓето кои страдаат, бришат солзи на оние кои се соочуваат со неправда и настојуваат да одговорат конкретно во име на Црквата. Меѓу учесниците е и директорот на Македонски Каритас о. Паво Шекерија.

Светиот Отец во својата проповед истакна дека Исус живеел одејќи, без страв од животни потреси, додавајќи дека нашата животна програма е Евангелието кое нѐ учи со проблемите да не се соочуваме со претходно подготвени рецепти. Верата пак, рече тој, не е распоред по кој треба да се држиме, туку пат по кој треба да се оди заедно во духот на доверба. Осврнувајќи се на Делата на светите апостолите, која ја опишува првата христијанска заедница, Папата издвои три елементи битни за Црквата на патот: понизноста на слушањето, харизмата на заедништвото и храброста за одрекување.

Говорејќи за храброста на одрекувањето, Светиот Отец напомна дека вистинската вера чисти од наврзување. Во процесот на прочистување и реформи - предупреди тој - треба да се избегнува преправањето дека нешто се променило, додека во реалноста сѐ останува исто. Господ не сака козметички разубавувања, туку обраќање на срцето до кое доаѓа преку одрекувањето. Излегувањето од себе е основна реформа - рече Папата.

Важно е секогаш да се сослуша гласот на сите, особено на малите и последните - рече папата Фрањо и додаде: Во светот секогаш најповеќе говорат оние кои имаат најмногу средства, но меѓу нас не треба да биде така, затоа што Бог сака да се открива преку малите и последните. Од високо е дозволено да се гледа во некоја личност само тогаш кога ќе и помогнеме да се подигне - рече Папата.

Светиот Отец, исто така, предупреди дека личноста треба да се стави пред програмата, имајќи при тоа понизен поглед на оној кој во другите бара присуство на Бога, бидејќи Бог не живее во големината на она што го правиме, туку во маленкоста на сиромашните кои ги среќаваме. При тоа кажа доколку не гледаме директно во нив, на крајот ќе гледаме во себе, а од сиромашните ќе направиме средства за сопствена реклама. Од понизност на слушање до храброст на одрекување, се минува преку харизма на заедништвото - рече Папата, додавајќи дека во првата христијанска заедница, и покрај разликите, постоеше сила на љубовта во Господа.

На прашање како да се извршат зборовите на Исус: „Останете во мојата љубов“ (Иван 15, 9) Папата одговори дека треба да се биде во близина на Исус, кој е присутен во дарохранителницата и во живите светохраништа, односто сиромашните. Отецот небесен Исус го љубеше, така што му даде сѐ, не задржувајќи ништо за себе – истакна Папата и додаде: Кога при дарувањето на прво место ја ставиме заштитата на нашите интереси, не го наследуваме Бог, и не сме Црква слободна и која ослободува.

Исус од нас бара да останеме во Него, а не во нашите идеи, да ги оставиме нашите аспирации за контрола и управување; бара да имаме доверба во другите и дa им се даруваме на другите. Го молиме Господ да нѐ ослободи од ексклузивното барање на ефикасност, од световност, од суптилното искушение за обожавање на себеси и на сопственот успех, од опсесивната организација  - рече на крајот папата Фрањо и потикна да бараме милост за прифаќање на патот кој што ни го покажува Словото Господово, пат на понизноста, заедништво и одрекувањето.

 

25 мај 2019, 18:48