Пребарување

Папата Фрањо за време на светата Литургија на Цветници Папата Фрањо за време на светата Литургија на Цветници 

Папата: Исусовото молчење го победува триумфализмот

Драги млади не плашете се да го следите Исус на крстниот пат

Исусовото молчење го победува триумфализмот – рече папата Фрањо во недела 14 април 2019 година за време на проповедта во неделата на Страдањето Господово на плоштадот Свети Петар во Ватикан. Воскликнување по повод влегувањето во Ерусалим и Исусовото понижување. Свечени восклици и жесток бес. Таа двострана тајна секоја година го следи влезот во Светата седмица – рече Папата и истакна: Ова славење има два посебни моменти: на почетокот е процесијата со палмови и маслинови гранки, а потоа свечено читање на извештаите за страдањето. Треба да се вклучиме во тоа дело вдахновено со Светиот Дух како би го добиле она шо сме го барале во молитвата: да го следиме нашиот Спасител на Неговиот пат и секогаш да бидеме свесни на примерот од Неговото големо страдање како пример за животот и победа над злиот дух.
Исус ни покажува како да се соочиме со тешките ситуации и подмолните искушенија, чувајќи го мирот во срцето, кој не е одвоеност, не е рамнодушност и не е надмоќност, туку доверливо препуштање на Отецот и Неговата волја за спасение, живот и милосрдие – рече Светиот Отец и напомена: Во целото свое страдање, минуваше низ искушенија, вршејќи го своето дело така што ја одбра послушноста кон Отецот. Од почетокот во четириесетдневната борба во пустината сѐ до крајот при страдањето, Исус го отфрла тоа искушение со послушна доверба кон Отецот.
Па и за време на своето влегување во Ерусалим, Исус ни го покажува патот - рече папата Фрањо и објасни: Затоа што во тој настан злиот дух, кнезот од овој свет имаше карта која требаше да ја одигра, а тоа е тријумфализмот на кој Господ одговори на тој начин што остана верен на својот пат на понизност. Триумфализмот се обидува да се приближи до целта со помош на пречки и лажни компромиси. Повторно цели да се искачи на победничка кола. Тријумфализмот живее од гестови и зборови, кои меѓутоа, не поминале низ искушението на крстот. Се храни споредувајќи се со другите, проценувајќи ги секогаш дека се полоши, со недостатоци и неуспешни.
Воодушевувачкиот облик на триумфализмот е световна духовност која е најголема опасност, подмолно искушение кое се заканува на Црквата – рече Папата и продолжи: Со своето страдање Исус го уништи триумфализмот. Господ навистина се радувал со народот, со младите кои го извикувале Неговото име и го славиле како Цар и Месија. Неговото срце уживало во глетката на воодушевување и славење на празникот на сиромашните Израелци. До таа мерка што на оние фарисеи, кои бараа да ги укори своите ученици поради соблазнувачкото восхитување, одговара: „Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат.” Понизноста не значи негирање на реалноста, а Исус е навистина Месија и Цар.
Но во исто време Христовото срце е на друг пат, на светиот пат кој само Тој и Отецот го знаат – рече Светиот Отец и истакна: Тоа е патот кој оди од „Божја состојба“ до „состојбата на слуга“, пат на понижување и послушност „сѐ до смртта, смртта на крстот“ (Филипјаните 2,6-8). Тој знае дека за постигнување на вистинскиот триумф мора да создаде место за Бога, а да создаде простор за Бог постои само еден начин: да се ослободи и да се откаже од себе. Да се молчи, да се понизи. Со крстот не може да се преговара: или го прифаќаш или се отфрлаш. Со своето понижување Исус сакаше да ни го отвори патот на верата, одејќи по него пред нас.
После Него, прва која одела по тој пат, била Неговата Мајка Марија, првата ученичка – рече папата Фрањо и додаде: Блажена Девица Марија и светците морале да страдаат како би оделе по верата и волјата Божја, соочувајќи се со тешките и болни настани во животот, одговарајќи со вера која бара „одреден напор на срцето“. Тоа е ноќ на верата. Но само од таа ноќ доаѓа зората на воскресение. Под крстот Марија повторно размислувала за зборовите кои ангелот и ги навести за нејзниот Син: „Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај” (Лука 1,32-33)
Марија се соочува на Голгота со потполно негирање на тоа ветување – рече Папата и додаде: Нејзиниот Син умира на крстот како злосторник. Така триумфализмот е уништен со Исусовото понижување, но истовремено така е уништен и во срцето на Неговата мајка. Двајцата знаеле да молчат. Многубројни светци и светици предводени од Марија го следеле Исус на патот на понизност и послушност. Денес на Светскиот ден на млади, се присетувам на бројните млади светци и светици, посебно оние кои само Бог ги познава, а кои понекогаш сака да ни ги открие како изненадување.
Драги млади, не срамете се да го покажете вашето воодушевување за Исус, да воскликнувате дека тој и денес живее и дека е наш живот – рече Светиот Отец и поттикна: Но истовремено, не плашете се да го следите на крстниот пат. А кога ќе слушнете дека од вас бара да се откажете од себе и својата сигурност, потполно да се доверите на Отецот, кој е на небесата, тогаш радувајте се и воскликнувајте! Вие тогаш сте на патот до Царството Божјо.
Свечено воскликнување и жесток бес. Впечатливо е Исусовото молчење во маката со која го победува искушението за да реагира, да биде „посредник“ – рече папата Фрањо и нагласи: Во моментите на темнина и големи неволји треба да се молчи, да се има храброст да се молчи, како тоа би било благо, а не горчливо молчење. Благоста на молчењето ќе направи да изгледаме уште послаби и понижени, а тогаш ѓаволот ќе се охрабри и ќе излезе на отворено. Треба да му се спротивставиме со молчење, држејќи до својот став, но со истото Исусово однесување. Тој знае дека постои војна помеѓу Бог и Кнезот од овој свет, и дека не станува збор за тоа да ја ставиме раката на мечот, туку да останеме мирни и цврсти во верата.
Тоа е Божјиот глас со кој влегуваме во битка, мораме да му дозволиме тоа да го направи. Нашето сигурно место е под плаштот на Светата Мајка Божја. Додека чекаме Господ да дојде и да ја смири бурата (Марко 4,37-41), со своето тивко сведоштво во молитвата, на себе и на другите да им дадеме „причина за надеж која е во нас“ (1 Петрова 3,15). Тоа ќе ни помогне да живееме во света напнатост помеѓу сеќавањата од ветувањата, реалноста на бесот кој е присутен на крстниот пат и надежта за воскресението - рече на крајот Папата.
 

14 април 2019, 18:47