Пребарување

папа Фрањо. Крстен пат на Колосеумот на 19 април 2019 година папа Фрањо. Крстен пат на Колосеумот на 19 април 2019 година 

Молитвата на Папата на крајот од Крстниот пат во Колосеумот

Господи Исусе помогни ни да ги видиме во Твојот Крст сите крстови на светот, молеше Папата на крајот од Крстниот пат кој се одржа во римскиот Колосеум на Велики петок – 19 април.

Во молитвата Папата ги наведе крстовите во светот: крстот кој го носат децата, старите, мигрантите, крстот на човештвото кое талка во темнината на несигурноста и во темнината на културата на минливоста, крстот на семејствата уништени од предавството, од заведувањето на злото или убиствената лекомисленост и себичност, крстот на Црквата која се мачи да ја донесе Христовата љубов дури и меѓу самите крстени и која постојано се чувствува нападната од внатре и од надвор и крстот на нашиот заеднички дом. Молитвата на Папата ја пренесуваме во целост.

„Господи Исусе, помогни ни да ги видиме во Твојот Крст сите крстови на светот: крстот на луѓето гладни за леб и љубов; крстот на осамените луѓе кои ги напуштиле дури и нивните сопствени деца и роднини; крстот на луѓето гладни за правда и мир; крстот на луѓето кои ја немаат утехата на верата; крстот на старите луѓе кои се влечат под товарот на годините и осаменоста; крстот на мигрантите кои наоѓаат затворена врата заради страв и срца оклопени во политички пресметки; крстот на малите, ранети во нивната невиност и чистота; крстот на човештвото кое талка во темнината на несигурноста и темнината на културата на минливото; крстот на семејствата уништени од предавството, од заведувањето на злото или убиствената лекомисленост и себичност; крстот на посветените лица кои неуморно се трудат да го донесат Твоето светло во светот, а се чувствуваат отфрлени, исмеани и понижени; крстот на посветените лица кои некаде патем ја загубиле својата прва љубов; крстот на твоите деца кои верувајќи во Тебе и обидувајќи се да живеат според Твоето Слово се наоѓаат маргинализирани и отфрлени дури и од членовите на своите семејства и своите врсници; крстот на нашите слабости, на нашето лицемерие, на нашите предавства, на нашите гревови и на нашите голем број прекршени ветувања; крстот на Твојата Црква која верна на Твоето Евангелие се мачи да ја донесе Твојата љубов дури и меѓу самите крстени; крстот на Црквата Твојата Свршеница која постојано се чувствува нападната од внатре и од надвор; крстот на нашиот заеднички дом кој сериозно овенува и исчезнува пред нашите очи, себични и заслепени од алчноста и моќта. Господи Исусе оживи ја во нас надежта на воскресението и Твојата конечна победа над секое зло и секоја смрт. Амин!“

20 април 2019, 18:44