Пребарување

Vatican News
Папата Фрањо во текот на Генерална аудиенција на плоштадот Свети Петар во Ватикн Папата Фрањо во текот на Генерална аудиенција на плоштадот Свети Петар во Ватикн  (Vatican Media)

Генерална аудиенција: Трите молитви на Исус при Страдањето

Да го молиме Отецот да го тргне превезот од нашите очи за овие денови гледајќи на Распнатиот да можеме да прифатиме дека Бог е љубов.

Да учиме од Исус да Му се доверуваме на Отецот во искушенијата – рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција која се одржа на плоштадот Свети Петар на 17 април 2019 година. Овие недели размислувавме за молитвата „Оче наш“. Сега во пресрет на воскресната тродневница да застанеме на некои зборови со кои Исус за време на маката Му се молел на Отецот. Првата молитва е после Последната вечера, кога Господ ги подигнува очите кон небото и вели: „И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе, уште светот пред да настане.“ (Иван 17, 5)
Тоа е парадоксално барање затоа што маката му е пред врата, а Исус бара слава. За каква слава се работи? – праша Папата и објасни, славата во Библијата укажува на Божјата објава, таа е препознатлив знак на Неговото спасително присуство и спасение. Тоа го прави во маката; подигнат на крстот, Тој се прославува (сп. Иван 12, 23-33) Таму Бог конечно ја објавува својата слава; го симнува последниот превез и нè восхитува како никогаш порано. Имено откриваме дека Божјата слава, целата љубов е чиста љубов, луда, незамислива, надвор од сите граници и мерки.
Нека Исусовата молитва стане наша. Да Го молиме Отецот да го тргне превезот од нашите очи за да можеме овие денови гледајќи го Распнатиот да прифатиме дека Бог е љубов – поттикна Светиот Отец и рече: Колку пати сме го замислувале како господар, а не како Отец, колку пати сме го доживевале како строг судија, наместо милосрден Спасител! Но, Бог на Велигден ги отстранува растојанијата, објавувајќи се во понизна љубов која ја бара нашата љубов. Па, му даваме слава кога живееме правејќи сè со љубов, кога сè работиме со срце и како за Него (сп. Колосјаните 3,17). Вистинската слава е славата на љубовта затоа што таа е единствената која на светот му дава живот.
Секако, таа слава е спротивноста на световната слава која доаѓа кога некој ни се восхитува, нè фали, ни ракоплеска кога сме во центарот на вниманието – рече папата Фрањо и истакна: Од друга страна Божјата слава е парадоксална; без аплаузи и публика. Во центарот не е нашето ЈАС, туку другиот. Имено на Велигден гледаме дека Отецот Го прославува Синот, додека Синот го прославува Отецот. Никој не се прославува самиот себе. Денес можеме да се запрашаме: „Каква е таа слава за која живееме? Наша или за она Божјата? Сакаме ли само да примаме од другите или исто така да се даруваме на другите?“
После Последната вечера Исус влегува во Гетсиманската градина и таму Му се моли на Отецот – рече Папата и продолжи, додека учениците не можат да останат будни и додека Јуда доаѓа со војниците, Исус започнува да чувствува „страв и вознемиреност“. Тој ја проживува целата вознемиреност заради она што го чека: предавство, презир, страдање и неуспех. Тажен е и таму во бездната, во таа пустелија на Отецот Му го упатува најнежниот збор: „Аба“ односно Оче (сп. Мк 14,33-36). Исус нè учи во искушението да го прегрнеме Отецот затоа што во молитвата која Му ја упатуваме Нему постои сила која дава и во болката да одиме напред.
Во напорната молитва е олеснувањето, довербата и утехата – рече Светиот Отец и додаде, кога сите Го напуштат, во внатрешна пустелија, Исус не е сам, Тој е со Отецот. Меѓутоа ние во своите Гетсимании често избираме да бидеме сами, наместо да кажеме „Оче“ и да Му се препуштиме Нему како Исус, да се довериме на Неговата волја која е нашето вистинско добро. Но, кога во искушенијата остануваме затврени во себе, копаме тунел внатре, болен пат свртен кон себе кој оди само во една насока, сѐ подлабоко во нас самите.
Најголемиот проблем не е болката, туку на кој начин се соочуваме со неа – рече папата Фрањо и напомена, осаменоста не нуди излез; туку молитвата затоа што таа е однос и доверба. Исус сè доверува на Отецот, Му го донесува она што го чувствува и во борбата се потпира на Него. Кога ќе влеземе во своите Гетсимании секој од нас има своја Гетсиманија или ја имал или ќе ја има, да го запамтиме тоа; кога влегуваме во својата Гетсиманија, да се сетиме да молиме: „Оче.“
На крајот Исус за нас упатува до Отецот трета молитва: „Оче, прости им, оти не знаат што прават!“ (Лк 23, 34) – цитираше Светиот Отец и нагласи, Исус се моли за оние кои кон Него биле зли и за своите убијци. Евангелието наведува дека таа молитва се случува во моментот на распнувањето. Веројатно тој бил моментот на најостра болка кога на Исус Му ги забиваат клинците во зглобовите и стапалата. Овде на врвот на болката, љубовта го достигнува врвот; доаѓа простувањето односно дарот на бесконечната јачина која го разбива кругот на злото.
Молејќи овие денови „Оче наш“ можеме да бараме една од тие милости: да ги живееме своите денови за слава Божја односно да живееме со љубов, да знаеме да се препуштиме на Отецот во искушенијата и да Му кажеме Оче и во средбата со Него да најдеме простување и храброст за простување. Двете работи одат заедно, Отецот ни простува и ни дава храброст за да можеме да простуваме – заврши папата Фрањо.
На крајот од аудиенцијата Папата ги поздрави сите присутни посакувајќи им Христовата мака на сите верници да им помогне да размислуваат за љубовта која Бог ни ја искажа. Исто така молеше Господ да ни даде целосно да учествуваме во таинството на Неговата мака, смрт и воскресение и да ни помогне Неговите чувства да станат наши и да ги делиме со своите ближни.

18 април 2019, 08:36