Апел на Папата за мир во Јужен Судан
Светиот Отец ги замоли како „брат од сѐ срце“ и покрај сите проблеми да не се отстранат од мирот, туку да го завршат започнатиот мировен процес. „Само ако меѓусебно сте сложни можете за обичните граѓани да станете татковици на нацијата“ – им рече папата Фрањо.
Папата ги повика да го почитуваат примирјето потпишано во септември минатата година во Адис Абеба и да се посветат на формирање влада за национално единство најавено за мај, но и во контекст на актуелниот државен удар во Судан, затоа што имаат посебно послание и одговорност за развојот на Јужен Судан, каде во 2013 година започна крвава војна, во која загинаа најмалку 400.000 лица.
Папата го пофали екуменското ангажирање за мировниот договор на Црквите во Јужен Судан и повторно изрази желба еден ден заедно со англиканскиот примат Џастин Велби да ја посети таа африканска земја. Официјалниот говор на Папата заврши со молитва за мир и помирување, посакувајќи љубовта да ја победи омразата и да настапи простување наместо освета.
На присутните им е подарена Библија со потписи на папата Фрањо, надбискупот од Кантербери Џастин Велби и о. Џон Чарлмерс, поранешен модератор на Шкотската презвитеријанска Црква, со порака: „Барај го она што обединува. Надвладеј го она што разединува“.