Папата се моли за жртвите во Нов Зеланд
По завршувањето на молитвата Ангел Господов, папата Фрањо се осврна на насилството кое во петокот го погоди Нов Зеланд, каде во организиран напад на две џамии се убиени голем број верници муслимани. Во врска со тоа, Светиот Отец рече дека на тагата заради војните и конфликтите кои не престануваат да го погодуваат човештвото овие денови се придружи жалоста заради жртвите од страшниот напад на двете џамии во гратчето Крајстчрч. Исто така рече дека се моли за мртвите и ранетите и за нивните семејства.
Изразувајќи ја својата близина на браќата муслимани и погодената локална заедница, Папата го повтори својот повик на обединување во молитвата и гестовите на мир, спротивно на омразата и насилството. После неколку моменти молитва во тишина за покојните папата Фрањо упати поздрав до ходочасниците собрани на плоштадот Свети Петар и на крајот се препорача во нивните молитви.