Пребарување

Папата за време на светата Литургија во домот Света Марта на 9 мај 2020 година Папата за време на светата Литургија во домот Света Марта на 9 мај 2020 година 

Света Марта: Папата се молеше за обединета Европа

Во изминатите два дена имаше две годишнини; 70 годишнината од Декарацијата на Роберт Шуман која овозможи создавање на Европската Унија и годишнината од завршетокот на војната. Да го молиме денес Господ за Европа за да расте обединета во единството на братството кое дава да се развиваат сите народи во единството и во различноста – рече папата Фрањо на светата Литургија.

Светиот Отец во проповедта се фокусираше на молитвата, коментирајќи го Евангелието за денешната Литургија во кое Исус на своите ученици им кажува дека „кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши; оти Јас си одам при Својот Отец.“ Можеме да кажеме дека тој дел од Евангелието според Иван е објаснување како да се пристапи на Отецот – рече Папата и напомена: Отецот секогаш бил присутен во Исусовиот живот и Он зборуваше дека Отецот се грижа за нас и за своите созданија. Кога учениците барале да ги научи да молат, ги научил „Оче наш“. Исус секогаш оди со Отецот, а во тој дел ја отвора вратата на семоќноста на молитвата, затоа што кажува: „Јас сум во Отецот; и сè ќе направам.“

Тоа е доверба во Отецот Кој сè може да направи и храброст во молитвата, затоа што за молитвата е потребна истата храброст како и за проповедање – рече Светиот Отец и потсети: Авраам бил храбар кога со Бог се ценкал; имал храброст да се бори во молитвата затоа што да се молиш значи да се бориш со Бог. Да молиш со малку храброст е недостаток на почит. Да молиш значи со Исус да одиш кај Отецот Кој сè ќе ни даде. Во молитвата е потребна истата храброст и искреност како и во проповедањето.

Коментирајќи го првото читање од денешната Литургија од Делата на светите апостоли во кое се зборува за конфликтот во првата Црквата, затоа што елинистите се побунија, бидејќи нивните вдовици и сираци не биле добро заштитени, Папата рече дека всушност апостолите немале доволно време за нив и истакна дека свети Петар просветлен од Светиот Дух воспоставува ѓакони; седум мажи кои се грижеле за потребите на тие луѓе кои со право се жалеле. Ја донесува таа одлука за да можат апостолите да се посветат на молитвата и навестувањето на Божјото Слово.

Задачата на епископите е да се молат и да проповедаат со силата за која слушнавме во Евангелието – рече папата Фрањо и напомена: Епископот е првиот кој треба да оди кај Отецот со доверба, храбро, директно и искрено, за да се бори за својот народ. Првата задача на поглаварите на заедниците е молитвата за заедницата, застапување кај Отецот за да го заштити народот. Кога народот го гледа епископот како се моли, учи да се моли. Светиот Дух нè учи дека Бог е Оној Кој сè прави. Ние правиме малку, но Он е Тој Кој во Црквата ги прави работите и молитвата е таа која Црквата ја води напред. Затоа епископите мора со молитвата да одат понатаму.

Нека ѓаконите сето тоа го прават; таа одлука на Петар е пророчка со која луѓето ги заштити, ги реши нивните проблеми и потреби, а на епископите им овозможи да се посветат на молитвата и на навестувањето на Божјото Слово. Тажно е да се видат добри епископи и луѓе, но премногу зафатени. Молитвата мора да биде на прво место. Но, кога другите работи го одземаат просторот на молитвата, нешто не функционира. Исус рекол: „Јас си одам при Својот Отец; и што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам, за да се прослави Отецот во Синот.“ Така Црквата со молитвата храбро оди понатаму, затоа што знае дека без тој пристап до Отецот не може да преживее – заврши Папата.

09 мај 2020, 12:27
Прочитајте сé >