Папата се молеше за луѓето кои се грижат за хигиената во болниците и јавните површини
Папата во проповедта го коментираше евангелието на денешната Литургија во кое Исус им вели на своите ученици: „Ако Ме љубите пазете ги Моите заповеди. Јас ќе го помолам Отецот и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека, Духот на вистината, Кого светот не може да го прими, оти не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде. Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам при вас“.
Простувајќи се од учениците, Исус им дава мир со ветување: „Нема да ве оставам сираци“ – рече Светиот Отец и истакна: Ги брани од таа тага и од болното чувство дека се сираци. Денес, во светот, кај многумина постои големо чувство дека се сираци. Имаат многу работи, но им недостасува Отецот. Тоа во историјата на човештвото се повторува; кога недостасува Отецот, нешто недостасува, секогаш некој сака да го сретне и повторно да го најде, дури и во старите митови, да се сетиме на митовите за Едип, Телемах и многу други кои секогаш го покажуваат тоа барање на Отецот кој недостасува.
Денес може да кажеме дека живееме во општество каде недостасува Отецот и каде многумина имаат чувство дека се сираци, што влијае на припадноста и братството – рече Папата и напомена: Поради тоа Исус ветува „Јас ќе го помолам Отецот и Он ќе ви даде друг Утешител“. Јас заминувам – вели Исус – но ќе дојде друг кој ќе ве научи како да му пристапите на Отецот; ќе ве потсети како се пристапува на Отецот. Светиот Дух не доаѓа да ве направи свои купувачи, туку да ви го покаже пристапот кон Отецот и да ве потсети на пристапот кон Отецот кој Исус го отвори и покажа. Не постои духовност само на Синот или Светиот Дух, во центарот е Отецот. Синот е испратен од Отецот и се враќа кај Отецот. Светиот Дух е испратен од Отецот за да нè потсети и научи како да пристапиме кон Отецот.
Само свесни дека ние сме деца кои не се сираци, можеме да живееме во мир меѓу себе – рече Светиот Отец и забележа: Војни, без разлика дали се мали или големи, секогаш имаат димензија на чувство на сираци; недостасува Отецот кој носи мир. Поради тоа Свети Петар во првото читање од денешната Литургија ја повикува првата христијанска заедница нежно со почит и со вистинска свест да им одговори и на оние кои бараат образложување на нивната вера, односно кроткоста која ја дава Светиот Дух. Тоа е кроткост и благост на децата на Отецот, а не на навредување, не учи Светиот Дух.
Навредувањето е една од последиците на војната и чувство дека сме сираци бидејќи, ако го нема Отецот, нема ниту браќа, братството се губи. Таа нежност, почитување и благост, се однесувања на припадност на семејство кое е сигурно дека го има Отецот кој е центарот на сè, извор на сè, единство на сите и спасение на сите, бидејќи го испрати својот Син сите да нè спаси. И го праќа Светиот Дух да нè потсетува на пристапот кон Отецот, на тоа татковство, на братското однесување на благост, нежност и мирот.
Да го молиме Светиот Дух секогаш да нè потсетува на тоа пристапување кон Отецот, дека имаме Отец и да на многумина, кои во општеството имаат големо чувство дека се сираци, им даде милост повторно да го најдат Отецот кој ја дава смислата на целиот живот и дава луѓето да бидат едно семејство – заклучи папата Фрањо.