Папата се молеше за надминување на поделбите
Да се молиме Господ да ни даде милост за единство. Да го откриеме во тешкотиите на ова време заедништвото, единството кое е секогаш над секоја поделба – рече Папата Фрањо на почетокот на утринското литургиско славење во домот Света Марта. Во проповедта го коментираше првото читање од денешната литургија, земено од Делата на светите Апостоли (2,36-41), во кое се говори за Петар кој отворено им кажува на Евреите дека Бог го создал Господ и Христос оној Исус ,кого тие го распнале. Кога го слушнаа тоа, многумина, биле длабоко потресени, го прашале Петар и останатите апостоли: “Што да правиме?”
Петар е јасен: обратете се. Променете го животот. Вие, кои сте го примиле Божјото ветување и кои сте се оддалечиле од Божјиот закон, меѓу идолите... обратете се. Вратете се на верноста – рече Папата и истакна: Да се обратите значи да се биде повторно верен. Верноста е човечко однесување кое не е така вообичаено во животот на луѓето. Секогаш има илузии што привлекуваат внимание, а ние често сакаме да одиме по нив. Напротив – според зборовите на Папата – потребна е верност; и тоа во убавите и во лошите времиња.
Тогаш Светиот Отец даде пример на кралот Ровоам, од Втора книга на Летописи. Кога го утврдил кралството и зајакна, кралот Ровоам се почуствува сигурен и го напушти „Јахвиниот закон, а и целиот Израел со него“. Така вели Библијата. Тоа е историски настан, но е универзален – истакна Папата. Често и ние, кога се чуствуваме сигурни, почнуваме да ги создаваме своите планови и полека да се оддалечуваме од Господ; не остануваме во верноста. Меѓутоа, мојата сигурност не е онаа која ми ја дава Господ. Таа е идол. Тоа му се случи на Ровоам и израелскиот народ – напомена Папата. Се чуствуваше сигурен, се оддалечи од законот и почна да ги почитува идолите. Личната сигурност ја отвора вратата на идолите.
Дали е лоша сопствената сигурност? – праша Папата Фрањо и додаде: Не, таа е милост. Но, само кога сум сигурен дека Господ е со мене. Кога сум во центарот на таа сигурност, се оддалечувам од Господ, како кралот Ровоам; станувам неверен. Тешко е да се сочува верноста. Целата историја на Израел, и историјата на Црквата е полна со неверност. Полна е со себељубие, сопствените сигурности поради кои Божјиот народ се оддалечува од Господ, ја губи верноста, ја губи милоста на верноста. Па и меѓусебно, луѓето не се верни едни кон други: - забележа Папата и на крајот се осврна на Евангелието од денешната литургија кое зборува за Воскреснатиот Исус и Марија Магдалена.
Во Евангелието се зборува за иконата на верноста; - рече Папата – на онаа верна жена која никогаш не заборавила се што Господ направил за неа. Беше таму, верна, пред трагедијата, но поради својата верност дури мислела дека е способна да го носи Исусовото тело... (сп Иван 20,15). Жена слаба, но верна. Жена верна и пред гробот, пред губење на илузиите, која станала апостол на апостолите.
Да го молиме денес Господ за милост на верноста; да му се заблагодариме кога ни дава сигурност, но никогаш да не мислиме дека се тоа “наши” сигурности, и секогаш да гледаме подалеку од сопствените сигурности. (...) Верност, која секогаш останува, но е тешко да се одржи. Нека ја чува Господ – рече на крајот папата Фрањо.