Пребарување

2018.09.05 Cattedrala Santa Madre Teresa a Prishtina Kosovo

Заседание на Меѓународната Бискупска конференција Свети Кирил и Методиј во Приштина

Членовите на Меѓународната епископска конференција Свети Кирил и Методиј (МБК) во вечерните часови на 29 мај 2023 година ја започна својата 40. редовна седница во Центарот „Богдани Полис“ во криптата на катедралата Мајка Тереза во главниот град на Косово, Приштина.

На членовите на МБК, во која членуваат Србија, Црна Гора, Македонија и Косово, се приклучија и четворицата апостолски нунции. На заседанието присустува и Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко - скопски епарх.  Присутни беа и делегати од соседните бискупски конференции, меѓу кои и делегатот на Хрватската бискупска конференција, бисккупот Ранко Видовиќ од Хвар и претседателот на Бискупската конференција на Босна и Херцеговина, Врхбосанскиот надбискуп митрополит Томо Вукшиќ.

На пленарната седница, бискупите разговараат за насоките за заштита на малолетните и ранливите лица, нивното спроведување и превентивно делување преку едукација на свештенството и другите црковни службеници. На дневен ред е и евалуацијата на проектот „Aiuto al piccolo gregge“ (Помош на малото стадо), кој се обидува да обезбеди материјална стабилност на бискупиите вклучени во таа иницијатива. Покрај тоа, бискупите ги слушнаа извештаите на делегатите од поединечните состаноци на ниво на CCEE и COMECE и ќе изберат делегат за Генералното собрание на Епископската синода, што ќе се одржи во Рим во октомври.

Бискупите на вториот ден од заседанието испратија соопштение за медиумите, во кое на почетокот наведуваат дека се свесни за тензичната состојба како на сопственото подрачје, така и на целиот континент. „Убедени сме дека само преку соработка, напорна работа, трпение, взаемна доверба и постојан дијалог може и мора да се изгради праведен мир, напредок на нашите народи, држави и заедници. Помирувањето, соработката и соживотот на поединци и народи и барање мирни решенија за сите отворени прашања се морален императив за сите. Очекуваме конкретна позитивна акција од политичарите со цел намалување на тензиите и зајакнување на разбирањето меѓу народите. За да биде што е можно поплодно, очекуваме од сите чинители на јавниот живот, вклучително и претставниците на медиумите и корисниците на социјалните мрежи, да не користат говор на омраза, лажни вести, манипулации со масите и пропаганда на насилство, туку да работата за барање и ширење на вистината“, се вели во соопштението на членовите на Меѓународната епископска конференција Свети Кирил и Методиј и делегатите од Бискупските конференции на Албанија, Бугарија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Бискупите ќе го завршат заседанието на 31 мај 2023 година со ходочастие во богородичното светилиште во Летница, каде ќе служат света Литургија и ќе се молат за успешна подготовка на 16. редовно Генерално Собрание на Епископската Синода.

02 јуни 2023, 10:13