Пребарување

12214.jpg

Скопје: Погребена е сестра Розалија (Слава) Ташева

На градските гробишта Бутел во Скопје е погребана сестра Розалија Ташева

Во вторник 16 август 2022 година на Градските гробишта Бутел во Скопје е погребена сестра Розалија (Слава) Ташева, која припаѓаше на Дружбата Ќерки на Христијанската Љубов – Усмиленки. Светата Литургија ја служеше Скопскиот бискуп и Струмичко скопски епарх, монс. Киро Стојанов, додека погребниот обред го предводеше катедралниот парох дон Паво Шекерија.

На погребот присуствуваа сестрите Ќерки на Христијанската Љубов – Усмиленки од Скопје, Битола, Косово и Словенија, свештеници од Струмичко – скопската епархија и Скопска бискупија, свештеници Лазаристи од Белград, сестри Евхаристинки, сестри Мисионерки на љубовта, роднини и верници.

Во проповедта покрај другооот бискупот Стојанов заблагодарувајќи се истакна: Како бискуп на оваа месна Црква сакам овде да искажам едно големо: Благодарам! Благодарам на сестра Розалија за нејзиното несебично и неизмерно служење на оваа месна Црква преку своето Општество, за нејзините добри дела и сестринска пресретливост и љубов кон секого, а пред сѐ кон најпотребните. Живееше молитвен живот и се молеше за секого во потреба, а посебно за оние кои ја молеа да ги спомне во своите скромни молитви до Господа Бога и се интересираше за нив. Како ќерка на свети Винко, секогаш со големо воодушевување зборуваше за својот основател и знаеше да сподели добри совети и примери од Неговиот живот. (...) Прими ја Боже во својата прегратка на вечната божествена љубов и дарувај и вечна светлина. Амин.

Сестра Розалија почина во недела 14 август 2022 година во Битола, поткрепена со светите Тајни. Родена е на 26 август 1944 во Радово.

17 август 2022, 08:18