3.jpg

Бискупот Стојанов упати сочувство за настраданите во автобуската несреќа

Бискупот Стојанов го повика свештенството, монахињите, верниците и сите останати да се помолат на Господа Бога за загинатите, повредените и сите погодени од овој трагичен настан.

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов на 23 ноември 2021 година упати сочуство по повод тешката сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Струма кај Перник во Република Бугарија во која многу наши сограѓани трагично го загубија својот живот, искажувајќи голема тага заради загубата на човечките животи што настрадаа во несреќата, а на нивните семејства, роднини и пријатели им изразува сочувство, ветувајќи им ги своите молитви до Господа Бога. Епископот Стојанов на повредените им посакува скоро закрепнување и сите ги препорачува на Божјото милосрдие и заштита на Пресвета Богородица.

По овој трагичен настан бискупот Стојанов го повика свештенството, чесните сестри, верниците и сите останати да ги упатат своите молитви до Господ Бог за починатите, повредените и сите оние кои се погодени од овој трагичен настан.

Во вторник 23 ноември околу два часот по полноќ се запали автобус со македонски регистарски таблички, кој сообраќал на автопатот Струма од Софија кон Благоевград на југозападот на земјата и во несреќата загинаа 46 лица од Македонија. Македонската влада прогласи тридневна жалост.

24 ноември 2021, 09:38