Евхаристискиот конгрес во Будимпешта Евхаристискиот конгрес во Будимпешта 

Во Будимпешта е отворен 52. Меѓународен евхаристиски конгрес

Со свечена света Литургија на плоштадот на хероите во Будимпешта во недела, 5 септември 2021 година започна 52. Меѓународен евхаристиски конгрес. Светата Литургија ја предводеше претседателот на Советот на бискупските конференции на Европа, кардиналот Анџело Бањаско.

На отворањето, кардиналот Бањаско во проповедта рече дека гласот од Конгресот сака скромно и радосно да зачука на срцата на европските народи и да продолжи понатаму и да стигне до најдалечните краеви на земјата.

Тоа е слаб глас, истакна кардинал Бањаско, „но тој одекнува со векови и е обележан со крвта на мачениците“, од каде црпи сила да го навести Исус и запамети дека „и покрај“ ограничувањата и сенките на неговите деца, светлината Христова пламти во Црквата“.

Тој глас „како едро развеано од здивот на Духот“ му кажува на денешниот човек голема вистина: „Не си сам во непријателската вселена, не си сам пред чудесното таинство на животот, не си сам во својата жед за слобода и вечност. Каде и да си, не си невидлив, Бог те гледа со љубов; не си сирак, Бог ти е Отец; достоен си за крвта Исусова - Откупителот на светот и Лебот на вечниот живот. Не плашете се: Бог не е мртов, Евхаристијата ја надминува секоја осаменост, секоја далечина и рамнодушност“, нагласи кардинал Бањаско. Тој ист глас ја прави Црквата да не смее да молчи, туку да го донесе на секое лице сјајот на воскреснатиот Христос.

За време на светата Литургија, некои од учениците на католичките училишта во Унгарија примија Прва причест, како и Миропомазание. На нив кардинал Бањаско им рече дека ѝ се потребни на Црквата, а тие дека имаат потреба од Исус.“ Сѐ брзо старее, само Бог е секогаш млад, а Црквата е вистинската младост на светот, бидејќи ја чува светата тајна на Телото Христово“, рече кардиналот. Ги повика младите Евхаристијата да ја направат средиште на нивните денови - секој ден.

Тој, исто така, им се обрати на свештениците заблагодарувајќи им што се „гласници на Божјата љубов, пророци на Духот на пазарот за материјалноста, наследници на живата традиција и навестители на иднината во изгубениот свет“.

На крајот, тој рече дека „Црквата нема друго име што треба да го навестува и да му се поклонува, освен името на Исус Христос. Запомнете: неговото лице е Евангелието, неговото присуство е Евхаристијата“.

На почетокот на прославата, поздравни зборови упати приматот на Унгарија, кардиналот Петер Ердо. „Господ Бог да ни даде во овие денови да можеме да почувствуваме дека Христос е со нас во Евхаристијата“, рече тој, додавајќи дека Христос не ги остава сами Црквата, народите и човештвото. Ги поздрави и источните христијани, повикувајќи ги на молитва за единство, така што сведоштвото на христијаните да биде веродостојно.

Повеќе од 25 кардинали и бискупи ќе учествуваат во програмата на Конгресот, кој се одржува под мотото Сите извори мои извори се во тебе (Псалм 87, 7), кои ќе понудат молитви и ќе одржуваат катехези, работилници и сведоштва. Конгресот ќе заврши во недела, 12 септември, со света Евхаристијата на плоштадот на хероите, која ќе ја служи папата Фрањо.

07 септември 2021, 08:41