Пребарување

Vatican News
2021.04.06 Easter sermon of Bishop Stojanov: The joy of Easter fills our hearts as well. Skopje, North Macedonia

Воскресна проповед на бискупот Стојанов

За време на Воскресната светата Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, на 3 април 2021 година, во предвечерието на празникот бискупот Стојанов упати пригодна проповед која ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри!

Се надевавме дека Велигден оваа година нема да биде оптоварен од пандемијата Ковид-19 како што тоа беше случај минатата година во ова време и дека ќе може да го славиме свечено во нормални услови, но еве и оваа година овој голем христијански празник мора да го прославиме во истите околности како и пред една година, внимателно и со сите мерки на претпазливост да се заштитиме едни од други од можна инфекција. Дури и Светиот Престол објави дека и оваа година папата Фрањо Велигден ќе го слави во празната базилика Свети Петар заради многу ограничениот број верници.

Свесни сме дека короната влијае на многу членови од нашиот народ и на многу семејства во нашата заедница. Најтешко им е на оние кои ги изгубиле своите најблиски затоа што не успеале да се изборат за уште некој додатен здив и да ја надминат оваа подмолна болест, но го предале својот дух на бесконечната милост на небесниот Отец. Вистина, ние сме, како сите суштества на земјата, и без оваа болест подлежни на минливост. Иако се обидуваме некако да го истуркаме тоа од нашите мисли, можеби убедувајќи се дека тоа ќе дојде некогаш, но за волја на вистината, сè уште не, сепак сме постојано изложени на опасност од смрт која виси над нашите глави. Верувам дека на сите нас понекогаш ни доаѓаат мисли за крајот на животот на оваа земја, па затоа се фаќаме во мислите кога се прашуваме дали за 50 години некој ќе се сети на мене, дали ќе се споменат дека сум живеел тука на земјата? Дали на некој од моето поколение ќе му биде сосема сеедно кој сум бил и дали ќе биде рамнодушен кон мојот живот на земјата? Познато ни е дека човечката меморија трае кратко и како брзо сè се заборава, дури и во сопственото семејство. Тоа го гледаме и според самите себе кога ќе започнеме да ги истражуваме нашите корени, а потоа застануваме некаде, па дури и не знаеме како ни се викале нашиот прадедо или прабаба. Вистина е, потомците нè погребуваат, а времето ги брише нашите траги од нашиот земски живот. На гробиштата, тревата покрива сè, само на некои места останува некоја плоча без име и сосема нема. Таквите мисли создаваат вознемиреност кај човекот и предизвикуваат прашање за кого да работиме и зошто воопшто да сакаме некого.

Тогаш ни дојде свети апостол Павле, кој сака да ни го насочи погледот на другата страна, односно нагоре кон небото: „Ако сте воскреснале заедно со Христа, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога! Мислите за небесното, а не за земното! Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога! А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава“ (Кол 3,1-4). Тој го става пред нашите очи оној кого Бог го растргна од заборав. Иако многу Евреи и безбошци се потрудиле да ги избришат неговите траги и неговото име повеќе да не се споменува, но таа трага од неговата откупителна крв се провлекува низ целата историја до денешни дни. Сѐ им беше залудно. Зашто, Бог го ослободи Исус од оковите на смртта и го воскресна од мртвите. Исусовото тело не подлегна на распаѓање во гробот таму некаде во близина на градските sидини на Ерусалим каде што беше положено, туку воскресна. Исус како вистински Бог и вистински човек се вознесе кај Отецот. Тој е постојано присутен меѓу нас и никогаш не може да падне во заборав. Без оглед колку некој ќе се обиде да го избрише или да го смести во некое далечно минато, тој останува Господар на целата историја и на сите времиња. Тој на последниот ден ќе се открие во својата слава, и неговото царство нема да има крај.

Драги браќа и сестри, Исус со својата победа над гревот и смртта и со своето воскресение од мртвите, ни даде нов, неуништлив живот и на тој начин ги наполни небото и земјата со голема радост. Додека во овие часови ја славиме оваа голема тајна на нашата вера, Црквата со овој празник го исповедува вистинскиот настан на Христовото воскресение. Затоа, Велигден е, многу повеќе од промената на годишните времиња, кога, по студената и негостоприемна зима се пробива пролетта, кога целата природа се буди во нов живот. Вистина, природата е прекрасна слика за она што се случи со Господ Исус Христос, но не смееме да ги мешаме природните процеси со настанот на воскресението. Ние веруваме дека токму Исус од Назарет, роден од Пресвета Богородица, помина низ земјата правејќи добро, кој беше мачен, распнат и умре на крстот, кој беше погребан во гробот на Јосиф Ариматеец, на третиот ден воскресна од мртвите. Прво им се јави на некои жени кои дојдоа на гробот да го помажат Исуса, бидејќи на денот на погребот не успеале набрзина да направат сè како што треба. Ангелот им рече: „Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што го положија. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, каде што ви беше рекол! Па, штом излегоа, побегнаа од гробот; зашто ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, зашто се плашеа“ (Мк 16,6-8). Не е ни чудо што ги зафати страв и трепет, затоа што тоа што ангелот им го рекол било нешто нечуено. Исусовото воскресение ги надминува сите категории на човечката мисла и искуство. Овде се случиле апсолутно нови и невидени работи! Бог го сменил текот на историјата давајќи и нова насока. Гревот и смртта немаат што повеќе да кажат. Спасителот веќе триумфираше!

Драги браќа и сестри, велигденската радост ги исполнува и нашите срца. Секој што верува во Христовото воскресение, веќе совоскреснал со Него. Тој знае дека кревкоста на постоењето, и дека страдањето и смртта го немаат последен збор. Исто така знае дека со Христовата смрт и воскресение злото е надминато засекогаш, дека се скршени оковите на подземниот свет и дека сме извадени од ропството на гревот и смртта како слободни деца Божји. Така, смртта веќе не е страшило што ќе нè исполни со ужас, зашто Бог нè повика на живот и тој исто така, еден ден, кога ќе се врати во слава, ќе ги преобрази нашите тела и ќе ги придружи на своето славно тело. Кој е Христов, нема од што да се плаши. Затоа што самиот Исус порачува: „Не плашете се!“ Среќен и благословен празник Воскресение Христово – Велигден!

06 април 2021, 09:15