Пребарување

Vatican News
Внатрешноста на Скопската катедрала  (архивска фотографија) Внатрешноста на Скопската катедрала (архивска фотографија) 

Бискупот Стојанов Стојанов служеше света Литургија со обред пепелење

На првата недела од Велигденскиот пост бискупот служеше света Литургија во скопската катедрала со обредот пепелење

На првата недела од Велигденскиот пост според грегоријанскиот календар, недела 21 февруари 2021 година, Н.В.П. монс. Киро Стојанов служеше Света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. На крајот од светата Литургија беше извршен обредот пепелење, со што на верниците кои беа спречени на Чиста Среда, им се даде можноста да го примат на првата недела од постот. На светата Литургија сослужуваа катедралниот парох, дон Паво Шекерија и канцеларот о. Марјан Ристов.

Во својата проповед бискупот Стојанов истакна: „Браќа и сестри, како што видовме извештајот од денешното св. Евангелие според евангелист Марко е доста краток, но содржински богат. Исус се наоѓа во пустината. Четириесет дена самотија и молитва, искушение и покајание, си ги зеде на себе како подготовка за јавно појавување што ќе го промени лицето на светот и текот на историјата. Господ е во пустината: сакаше да потврди со својот живот што ќе побара од другите; ќе ги учи другите што тој самиот направил. На светот му ги понуди не само своите зборови, туку и своите дела, својот живот: својата жива личност, сопствениот живот на своите учења како пример, стимул, побарувачка, идеал.“

„Од самотијата во пустината, Исус се враќа меѓу луѓето со големо барање: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието!“ Во овие зборови се состои целото Евангелие, сиот наш христијански живот, смислата и содржината на нашето христијанство. Велигденски пост: тоа се денови на молитва, обраќање, покора! За многумина денес одвратни зборови. Христовиот позив е сериозен и јасен: „Покајте се!“ Многумина мислат: Христова шега, премногу зборови! Но Господ Бог и денес со најголема сериозност би ни ги повторил истите зборови. Човек може да дојде во царството Божјо, до Бога само ако се „обрати“, промени.“

„Драги браќа и сестри, нашиот Велигденски пост е само повторување на Исусовиот пост, неговите 40 дена во пустината, одрекнување, молитва, пост, покора. Оваа пред велигденско време е повик на обраќање и време на обраќање. Да се обратиме, значи да го промениме својот живот, своето битие за да биде што послично на битието и животот на Богочовекот – Исус Христос. Често се слуша: „Битно е да се биде добар човек“. Не, тоа не е ни главно, ниту доволно. Христијанинот треба да биде повеќе одошто „добар човек“. Тој треба да биде како Богочовекот, да се потруди да се приближи до тој лик – и тој идеал“ – рече бискупот Стојанов.

За Великиот пост и смислата на обредот пепелење монсињор Стојанов рече: Низ сите столетија велигденскиот пост било време на христијанска сериозност – и позив ние христијаните сериозно да го провериме своето христијанство: колку е силно и зрело во нас. Сите бучни игри, забави, настапи, свадби беа забранети или ограничени. Целата Црква се повлекувала во тишина, правела покора, се каела. Три категории грешници требале да направат особено големо покајание: отпадниците од верата, убијците и прељубниците. На Чиста Среда облекувале покајничка облека, главите ги пепелеле со пепел - и потоа требало да ја напуштат црквата - до Велики четврток.“

„Покајте се! Позив до мене, до вас, до сите нас. Пост, покора, покајание потребно е на секој човек, на целата Црква, на секого од нас. Никогаш не сме толку добри, за да не можеме да бидеме уште подобри. За жал, најчесто ние воопшто не сме добри ни свети. Да се обидеме тоа да бидеме оваа великопосно време! „Покајте се!“ ни порачува Господ Бог “– рече на крајот од својата проповед бискупот Стојанов.

За време на светата Литургија пееше Катедралниот хор.

21 февруари 2021, 22:54