Епископот Стојанов Епископот Стојанов 

Епископот Стојанов се заблагодари за одговорното однесување за време на пандемијата

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопскиот епарх, д-р Киро Стојанов на 27 мај 2020 година упати допис до свештениците, монаштвото и верниот народ во кој меѓу другото се навраќа на изминатиот период во кој од 19 март до сега заради пандемијата со корона вирусот во сите католички парохии и филијали светите Литургии и обредите се извршуваа без присуство на народ.

Со оглед на укинувањето на полицискиот час од страна на Владата на Македонија на 26 мај 2020 година, епископот Стојанов препорача да се отворат Црквите за верниците и да се воспостави редовниот секојдневен и празничен редослед.

Повикувајќи се на одлуката на Владата епископот Стојанов нагласува дека мерките за претпазливост и заштита остануваат и понатаму во сила и повикува на примена и почитување на истите, посебно држење растојание, носење маски и дезинфекција. Корона вирусот сепак не е исчезнат – стои во дописот на монс. Стојанов.

„Изразувам голема благодарност до сите Вас, почитувани браќа свештеници, чесни сестри, што во овој период на корона вирусот вложивте голем напор да останете со своите верници преку социјалните мрежи, а во одредени моменти и со Ваша физичка присутност да бидете со нив. Благодарност и до верниците за одговорното и сериозно однесување во време на пандемијата“ – пишува епископот Стојанов.

29 мај 2020, 17:37