Пребарување

Vatican News
Во Струмица прославен Светскиот ден на болни Во Струмица прославен Светскиот ден на болни 

Струмица: Прославен Светскиот ден на болни

На 9 февруари 2020 година со свечена архиерејска Литургија предводена од Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, а во сослужение на свештеници од Македонија е прославен Светскиот ден на болни.

Епископот Стојанов во таа прилика одржа проповед во која најпрво се осврна на почетоците на Светскиот ден на болни, воспоставен од свети Иван Павле II во 1982 година, а нешто подоцна – како што истакна епископот – започна да се слави и во оваа наша катедрала „Успение на Пресвета Богородица“, тука во Струмица.

Понатаму епископот Стојанов истакна дека Светскиот ден на болните е поттик за да благодариме на сите оние кои се грижат за болните, при што посебно ги спомена здравствените, социјалните, верските и другите работници и волонтери. Осврнувајќи се на пасторалната дејност нагласи дека грижата за болните е едно од посланијата на Црквата, како што е и грижата за оние кои имаат духовна потреба.

Во продолжение зборуваше за параболата за Добриот Самарјанин, во која Исус ни помага да ја сфатиме Божјата љубов, посебно кон оние кои се погодени со болка и страдања. Биксупот Стојанов последните зборови од параболата ги упати и до присутните како поттик до секој Христов ученик: „Оди и ти прави така“, истакнувајќи дека со силата на верата и молитвата и ние треба да се грижиме за оние кои се телесно или духовно ранети, по примерот на Добриот Самарјанин.

Како пример за таквото служење ја спомна света Мајка Тереза, која денот го започнувала со средба со Исус во Евхаристијата, за потоа со Бројаницата во раце излегувала на улиците да служи на Господ присутен во оние кои страдаат, непожелните, несакните и напуштените.

Бискупот Стојанов додаде дека и ние како христијаните сме повикани да правиме добри дела како Самарјанинот, а Светскиот ден на болни е одлична можност да размислиме и за тајната на страданието и да бидеме чувствителни кон болните браќа и сестри, за потоа да го цитира Свети Иван Павле II. со зборовите: „Мерката за хуманост се одредува врз основа на тоа како општеството и поединецот се однесуваат кон оние што страдаат“.

На крајот од својата проповед владиката Стојанов зборуваше за една од пораките на папата Фрањо за Светскиот ден на болни, во која Папата Денот на болните го доверува под застапништво на Блажена Дева Марија.

Затоа ја молиме да ги слушне и исполни нашите молитвени молби што се воздигнуваат во многубројните светилишта заради нашите потреби и нека им ги избрише солзите на сите оние што страдаат. Нека Мајка Божја Лурдска им помогне на сите оние што работат во областа на здравствената грижа и заштита на болните. И нам, драги браќа и сестри, никогаш да не ни биде тешко да правиме добро на сите што ќе ја побараат нашата помош – рече на крајот од проповедта Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов.

Свеченоста заврши со благослов на болните и процесија околу катедралата со статуата на Пресвета Богородица.

11 февруари 2020, 11:07