Пребарување

Vatican News
Кардинал Крајевски во посета на камп за бегалци Кардинал Крајевски во посета на камп за бегалци  (ANSA)

До епископите во ЕУ испратен повик и упатство како да ги прифатат бегалците од Лезбос

Во писмо адресирано до Епископските конференции на Европската Унија, кардиналите Холерих, Черни и Крајевски бараат преселување на бегалците присутни на островот Лезбос во другите европски земји

Епископи прифатете ги бегалците од Грција во ЕУ! Силен апел упатен до сите епископи како одговор на очајничкиот крик на многу луѓе во потрага за достоинство конечно да им се отвори патот на надежта. Кардинал Жал Клод Холерих, претседател на Комисијата на Епископските конференции на Европската Унија, Михаел Черни потсекретар на Оделот за мигранти и бегалци во Дикастеријата за целосен човеков развој и Конрад Крајевски, делител на милостината на Неговата Светост напишаа писмо упатено до епископските конференции на државите членки на Европската Унија. Цитирајќи ги неколку пати зборовите на папата Фрањо, тројцата кардинали ги повикуваат епископските конфереции да ги следат упатствата за постапката за преместувањето на азилантите и бегалците од Грција во европските земји и самите да ги прифатат во своите резиденции или во други станбени објекти на бискупиите, пренесува Fratellanza umana.

Писмото започнува со присетување на Ангел Господов на 6 септември 2015 година, кога Папата „се обрати до парохиите, монашките заедници, манастирите и светилиштата од цела Европа, живеејќи го Евангелието на конкретен начин, да му пружат добредојде барем на едно семејство бегалци.“ Истата таа недела, папата Фрањо побара поддршка од сите европски епископи за неговиот апел, потсетувајќи дека „Милосрдието е другото име за љубовта“. Шест месеци подоцна Папата патува на Лезбос, тоа беше во април 2016 година. „После тоа свесен за ситуацијата на драматично пренатрупување и страдање во кои на тој остров се наоѓаат повеќе од 20.000 бегалци, како и во илјадници други прифатни центри во Грција, Папата – се вели во апелот – никогаш не престана да им помага, настојувајќи да се отворат хуманитарни коридори за нивно достоинствено преместување во другите европски земји.“ „Големиот број мисии кои на егејските острови ги извршуваа кардинал Крајевски и Холерих се израз на непрекинатата загриженост на Папата за тие луѓе.

Христијанска должност и повик за будење на нови евангелски сили. Со тоа уверување, поаѓајќи токму од барањата на Папата, тројцата кардинали во писмото бараат во секоја од земјите членки на Европската унија „соодветната епикопска конференција во соработка со владата, треба да договорат за проект на хуманитарен коридор од Лезбос и другите прифатни кампови во Грција.“ Во таа смисла во писмото се нагласува дека „искуствата кои веќе се започнати во некои земји покажуваат дека можностите за добро прифаќање всушност се поголеми од оние на кои се надевале: многу малолетници – пишуваат Холерих, Черни и Крајевски – се прифатени во семејства, додека возрасните луѓе добро се прифатени во монашките заедници, парохиите и семејствата кои се ставија на располагање.“

Писмото завршува со зборовите кои Папата ги изговори во Ватикан на 19 декември 2019 година, на состанокот со бегалците кои пристигнаа од Лезбос по пат на хуманитарните коридори: „Како можеме да не го слушнеме очајничкиот крик на толку браќа и сестри? ... Како можеме да „одиме понатаму“, како свештеникот и левитот од параболата за добриот Самарјанин, што нè прави одговорни за нивната смрт? Нашата мрзеливост е грев! ... Мора да помогнеме и да спасуваме, затоа што сите сме одговорни за животот на ближниот, а Господ од нас за тоа ќе побара сметка во моментот на судот.“ „И ние заедно со Светиот Отец – пишуваат тројцата кардинали – му благодариме на Господ, на сите оние кои одлучија да не останат рамнодушни и храбро отвораат нов пат за да се врати достоинството на многу наши браќа и сестри.“

Во прилог на писмото упатено до бискупските конференции се наоѓа упатство за постапката за преместување на азилантите и бегалците од Грција во европската земја. Проектот својата главна правна основа ја заснова на член 17 од Даблинските договори (Даблинска уредба III, бр. 604/2013) кој предвидува државата членка која не е обврзана да го испитува барањето за азил може да се понуди за тоа да го направи така што да информира за сопствената расположеност на надлежната држава членка. (...)

24 февруари 2020, 11:47