Берлин, 11 ноември 1989 година Берлин, 11 ноември 1989 година 

COMECE: Годишнината од падот на Берлинскиот ѕид апел за подобра Европа

По повод 30 годишнината од падот на Берлинскиот ѕид Советот на епископски конференции на Европската Унија (COMECE) ги повика сите Европјани заедно да работат за слободна и обединета Европа.

Меѓу останатото епископите истакнаа дека тој настан кој се случи на 9 ноември 1989 година е еден од најважните во европската историја во последните децении. Потсетија на луѓето кои повеќе од 28 години живееја во ист град разделен со бетонски ѕид, по чие паѓање можеа да се сретнат, да прослават и да ја изразат својата радост и надеж. Од тој момент светот се промени – порачаа европските епископи.

Ѕидот беше симбол на идеолошката поделба на Европа и на целиот свет. Промените во Унгарија на почетокот на 1989 година, падот на железната завеса во април и првите слободни избори во Полска во јуни кулминираа со падот на Берлинскиот ѕид, настан кој го отвори патот за враќање на слободата, по повеќе од 40 години опресивни режими во земјите во средна и источна Европа. Тие напори својот успех го должат на предноста на големиот број Европјани кои доследно и мирно ја изразуваат својата длабока желба за политички промени – стои во соопштението.

Европските епископи исто така истакнаа дека не се исполнети сите очекувања кои се појавија по падот на ѕидот, напоменувајќи дека е неспорно дека во Европа и денес иако во поинаков облик се присутни идеологии на кои се темелеше неговото градење. Како христијани препознаваме дека Христос е нашиот мир „Кој од двата народа направи еден и ја разруши преградата, што беше меѓу нив“ (Ефес 2,14) – порачаа епископите, наведувајќи ги зборовите од Послението до Ефесјаните и додадоа, падот на Берлинскиот ѕид не е само настан од минатото кој се слави, туку содржи исто така и пророчка димензија. Тоа е повик на работа за подобра и поцелосна Европа. Нѐ научи дека градењето на ѕидови меѓу народите никогаш не е решение. Мора да се присетиме на важните улоги кои ги одиграа свети Иван Павле II и неговото охрабрување: „Европа мора да дише со двете белодробни крила!“

Освен тоа епископите истакнаа дека оздравувањето и помирувањето е чувствителен и тежок процес, додавајќи дека тој е уште далеку од завршетокот за некои жртви на опресивните режими чија одлучност како и преданост и страдање беа пресудни за слободата во која денес ужива Европа. Исто така порачаа дека повторно сакаат да поттикнат и да ги промовираат токму оние знаци на надеж и очекување за подобра иднина кои доведоа до историскиот момент во 1989 година. Од тие причини како христијани и европски граѓани, ги повикуваме сите Европјани да работат заедно за слободна и обединета Европа, преку обновен процес на дијалог кој го надминува менталитетот и културата почитувајќи ги нашите различни историски искуства и делејќи ја надежта и очекувањата за заедничка иднина на мирот – стои во соопштението.

Советот на епископски конференции на Европската Унија (COMECE) порача дека културата на средба претставува искрена способност за слушање, истакнувајќи дека како христијани сме повикани да проповедаме и да бидеме сведоци на Евангелието, свесни дека „таинството на човекот станува навистина јасна единствено во таинството на овплотувањето на Словото“(Gaudium et spes, 22). На крајот од соопштението епископите упатуваат повик сите да ја обноват преданоста на начелата врз кои е основана Европа, односно на правдата, слободата и мирот.

09 ноември 2019, 10:57