Епископот Стојанов на празникот Марија од Назарет во Радово Епископот Стојанов на празникот Марија од Назарет во Радово 

Проповед на епископот Киро Стојанов во Радово на празникот Марија од Назарет

На празникот Марија од Назарет, 6 октомври 2019 година епископот Стојанов служеше света архиерејска Литургија во парохиската црква „Свети пророк Илија“ во Радово и во таа прилика одржа пригодна проповед.

Гостопримство

Драги браќа и сестри, секогаш се радувам кога доаѓам во својата родна парохија. Верувам дека ми е најубаво, затоа што сум тука роден и пораснат. Можеби е тоа вистина, но на овој празник доаѓам со едно големо задовлство, бидејќи имам чувство дека сум дошол во посета, на гости, во Назарет, во куќата на Марија, каде се Исус и Јосиф. Можеби сугерирам, но ми изгледа дека и вие сте на овој празник така расположени како да сте дојдени во посета во домот на Марија, во друштво на светото Семејство. Имам искуство, а и други свештеници ми зборуваа за исто искуство. Имено, кога како парох или свештеник влегувам во некоја куќа, тоа е чудно, но некаде се чувствувате спонтано, убаво, а на некое друго место се чувствувате како вкоченети. Се поставува прашањето: Зошто е тоа така? Некаде човек се чувствува пријатно, а некаде дури и многу непријатно. Една од варијантите е дека си навистина добредојден и со голема радост си прифатен или си недобредојден и сосема ладно си прифатен. Друга варијанта е, а многу веројатна и вистинита, кога во семејството се чувствува слога и љубов и атмосферата е многу пријатна, но и обратно. Сепак, радосни сме што во домот на нејзиниот Син, Исус Христос, во овој Храм сите ние се чувствуваме како дома и пријатно и можеме да ја почитуваме Марија од Назарет која нѐ упатува на местото на потеклото, отколку на фактот дека таа во Назарет била дома. Не знаеме точно каде живееше и кај кого во времето кога и се објави Ангелот, но после тоа откако е објавено на Јосиф тоа таинство на воплотението Марија поминала во скромниот дом на Јосиф. Така Јосиф станал домакин на почетокот на еден непознат и несфатлив гост. Марија била богоносителка. Можеме само да фантазираме за тоа какви беа нивните долги вечерни разговори додека Марија како блажена ги извршувала своите домашни работи, а Јосиф пратејќи го секој нејзин чекор, грижно внимавал таа и зачнатото чедо да се чувствуваат убаво кај него. Колку е тоа духовно богатство иако и на ниво на верата да знаеш дека во својата куќа се наоѓа Бог и неговата Мајка. Тоа очекувано раѓање за жал не се случило во таа куќа, туку во Витлеем, за да се исполни писмото. Можеме да ја замислиме вознемиреноста на Јосиф, а можеби и неговата тага, што не успеал да обезбеди пристојно сместување за Марија и нејзиниот синот. Но, од друга страна, можеме да си замислиме со колкава љубов, внимание, почит ги прими посетителите што дошле да се восхитуваат и поклонат на новороденчето. Можеме да си замислиме како и Марија и Јосиф се радуваа на обичните пастири кои радосно, простодушно и скромно поминуваа не половина час, туку повеќе часови во друштво со тоа мило семејство и сигурно дале сѐ од себе во колибата - пештерата убаво да се чувствуваат нивните ненајавени гости.

За посетата на тројцата Мудреци се говори во куќата и факт е дека многу апокрифи говорат како на некои во Витлеем ангелите им го објавиле Христовото раѓање и го повикале свтото Семјество во својот дом. И штотуку после враќањето од Египет започнал вистински семеен живот во Назарет. И на Назарејците им било мило што во тоа семејство расте мало дете толку мало и мило во една таква мила и скромна средина. Тоа што го краси едно семејство е токму тој склад, хармонија, однос во кој се натпреваруваат кој на кој попрво ќе му направат услуга. Би можеле да го анализираме Јосиф како работи и што работи, како се однесува кон Исус и Марија и веројатно нашиот заклучок би бил: Дека би се восхитувале, исто така кога би ја анализирале и Марија. Ни преостанува само восхитувањето, колку е собрана, радосна, мирна, вистинска домакинка. А Исус како дете се радува на секоја средба, а како момче учествува одговорно во работата, а кога Марија останала вдовица сиот е свртен кон грижата на својата Мајка.

Драги браќа и сестри, што е тоа гостопримство? Во народите на Истокот, од кои и ние имаме дел од наследството, врховната доблест е што ги регулира меѓучовечките односи. Гостинот, дури и да е странец или туѓинец има предност пред домашните. Исус го наследи тој менталитет затоа и самиот навести дека односот кон ближниот е еднаков на односот кон Бога. Кога некој во мое име прима и најмало дете мене ме прима. Што значи, во христијанството гостопримството е богопочитување. Зошто? Затоа што домаќин, христијанин се обидува во гостинот да ја искаже почитта кон самиот Бог. Затоа гостинот е секогаш добредојден, бидејќи тоа во крајна линија е доказ дека нѐ посетил Бог. Да се присетиме на сцената од животот на Авраам кога го посетија три ангели и му навестиле дека ќе биде татко на народите. Тој ги дочекал, примил и ги послужил со една чаша вода после заминувањето дознава дека Бог му дошол во посета. Тој детал толку пати е насликан како најстар извештај за светото Тројство. 

Денес кога силно се нарушени односите внатре во семејството, гостинот по некој пат може да биде непосакуван, а можеби токму тогаш кога сме во криза Бог праќа некого што случајно ќе наиде и може во нашата куќа да спречи да не избие пожар. Ми раскажуваше еден човек кој живеел во семејство како дете каде родителите често се расправале. А кога ја прикривале својата расправија секогаш се случувало тогаш кога некој ќе ги посетил тогаш се труделе да бидат фини, мирни и љубезни. И тој човек раскажува дека научил најмногу да моли за гости, бидејќи секогаш кога доаѓал гост во нивната куќа тогаш имало мир.

Драги браќа и сестри, во овие времиња во кои постојано се брзаме и постојано сме оптоварени со недостиг на време се појавува некоја друга категорија на луѓе. А тоа се возрасните и немоќни луѓе кои заради нашето брзање често се напуштени или барем занемарени. За еден настан се раскажуа: Син кој ги напуштил своите родители и се дал на лош пат, толку многу лоши работи направил што на крајот завршил во повеќе годишен затвор. Кога конечно се ослободил немал ништо друго освен сеќавање каде ги оставил своите родители. Во страв дека можеби и не се повеќе меѓу живите напишал писмо и соопштил дека тој и тој ден ќе помине со автобусот покрај нивната куќа и доколку сѐ уште се спремни да го примат на дрвото пред куќата нека обесат бело знаме. Автобусот тргнал и една госпоѓа забележила дека тој човек е доста вознемирен во себе. Го прашала што е: А тој со болно срце ја раскажал својата приказна. Да го смири и спаси од шокот му понудила услуга. Бидете мирни јас ќе гледам и внимавам дали пред куќата ќе има бело знаме. Кога се приближиле кон селото жената забележила од далеку дека целото дрво е украсено на десетки бели знамиња. Рекла, гледај: И двајцата се расплакале. Старите родители сепак го дочекале својот син. Што ќе се случи ако сега предложам на старите и занемарени лица кога се чусвтвуваат напуштени нека на вратите од своите куќи стават бело знаме. Дали ќе ги посетиме?

Драги браќа и сестри, јас во Радово доаѓам со задоволство, бидејќи за мојата душа и за моето срце оваа Црква е секогаш и постојано блескава и сјајна и знам дека сум дошол дома, знам дека овде ме чека Исус, Марија и Јосиф и дека Марија како Мајка ќе забележи што ми недостига и пред својот Син ќе го изнесе токму тоа што најмногу ќе ми ја збогати душата. Се надевам дека и секој од вас така чувствува. Оваа статуа на Марија од Назарт е посебно благословена од светиот Отец папа Фрањо кога ова година на 07 мај се наоѓаше на своето 29. Апостолско патување во посета на Македонија, а оваа статуа беше изложена на Свечениот олтар на плоштадот Македонија во Скопје. Од оваа статуа се излеваат посебни благодати, посебна чудесна Мајчинска моќ, за секој од нас поединачно, за нашите семејства и нашата Епархија и Католичка заедница во Македонија, затоа што е благословена од Христовиот намесник на земјата Светиот Отец папата Фрањо. Света Маријо од Назарет, моли се за нас. Амин.

08 октомври 2019, 08:05