Пребарување

Бaзиликата Свeти Фрањо во Асизи Бaзиликата Свeти Фрањо во Асизи 

Во Асизи одржан 77 курс за христијански студии

На 25 август 2019 во Асизи заврши 77 курс за христијански студии во организација на италијанското здружение „Pro Civitate Christiana“, основано во 1939 година со цел придонес за евангелизација во општествениот живот.

Спомнатиот курс прв пат е организиран на почетокот на 40 години од минатиот век, на иницијатива на основачот на здружението дон Џовани Роси.

Овогодинешната програма на Курсот за христијански студии беше одбележана со средби и предавања на кои од различни аспекти се обработуваше темата „Кога на човечкото битие ќе му се појави жедта за другото.“

Свештеникот Тонио Дел Олио претседател на здружението „Pro Civitate Christiana“, во разговор за Радио Ватикан напомена дека изгледа дека човекот и неговото добро денес не се во центарот на вниманието и дека нема зборови за она што е трансцедентно, односно што го надминува искуственото спознание.

Поврзано со темата за овогодинешниот Курс за христијански студии, свештеникот истакна дека спомнатата жед се зголемува тогаш кога потребата за трансцедентното, својствена за човечкото битие, не биде задоволена.

Дон Тонио се осврна и на средбата „Економијата на Фрањо“ која на поттик на папата Фрањо ќе се одржи во март следната година во Асизи. Потоа се присети дека Светиот Отец во писмото со кое младите претприемачи и економисти ги повика да учествуваат на тој настан, побара од нив на економијата да и дадат душа, да ја оживеат економијата.

Папата рече дека економијата со душа ја става во центарот човечката личност – истакна свештеникот, додавајќи дека во таа смисла станува збор за економија која не искористува, туку служи и не ограбува, туку користи. Сите тие се многу конкретни теми – рече дон Тонио Дел Олио и заклучи дека духовноста нѐ поттикнува на многу конкретна примена, да се служи за среќата на луѓето.

27 август 2019, 18:07