Cerca

Vatican News
Прес конференција по повод посетата на папата Фрањо Прес конференција по повод посетата на папата Фрањо 

Бискупот Стојанов: Молам апостолската посета на папата Фрањо да биде дар на милоста

За неполни две недели папата Фрањо доаѓа во официјална посета на Македонија и по тој повод на прес конференција зборуваа бискупот Стојанов, премиерот Заев и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски на која информираа за подготовките

Во среда 24 април 2019 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов заедно со претседателот на владата Зоран Заев и државниот секретар во министерството за надворешни работи, Виктор Димовски одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за претстојната посета на папата Фрањо на Македонија и родниот град на света Мајка Тереза.


На прес конференцијата премиерот Заев изјави: „Оваа благопријатна чест што ја добиваме, а тоа е токму во нашата земја да биде присутен светиот отец, ќе биде сфатена како охрабрување да бидеме подобри луѓе, да си помагаме, да гледаме позитивната страна, да градиме пријателство и духот на пријателството да го одржуваме и да не охрабри сите нас дека доаѓаат подобри времиња. Честа е огромна. За нас тоа е и афирмација пред целиот свет, но и можност да се покажеме како добри домаќини“.


Државниот секретар во министерството за надворешни работи, Виктор Димовски во своето обраќање се осврна на организациските аспекти и реализацијата на програмата.


Во продолжение го пренесуваме интегралниот говор на бискупот Стојанов.


За само неколку дена овој наш град го очекува најмилиот, најсаканиот и најголемиот гост: Петар во наши дни – светиот Отец Папа. Токму во ликот на тој голем гост на нашиот град ќе се појави човек Петар со авторитет. Ние како верници со право очекуваме Папата да ни биде прв сведок на темелната вера на христијаните дека Исус е жив и дека на најдобар начин ќе се даде да биде виден во Црквата. За некој ден Црквата на земјината топка ќе биде собрана на нашиот плоштад во Скопје. Заедно ќе бидат Папа, кардинали, надбискупи, бискупи, свештеници, народ со само една желба да посведочи дека Исус Христос е жив и дека воскресна и дека сега е меѓу нас.


Почитувани граѓани, со особена љубов оваа средба ви ја ставам на срце, овој настан кој ја надминува нашата досегашна историја да биде исклучително и на посебен начин единствено настан на верата и средба со Христос кому му служиме, кого го исповедаме и кого го очекуваме во вечноста.


Среќни ли генерации на граѓани сме ние кога овие денови во Апостолска посета ни доаѓа Светиот Отец и кога таинството на Црквата барем неколку часа ќе се случува меѓу нас до таа мера што таа стварност ќе биде допирлива, видлива. Затоа ве повикувам вас, а молам со вас да таа апостолска посета биде навистина дар на милоста, историски настан, а не само нешто што е сензација, манифестација и сл.


Можеме да зборуваме за повеќе причини за посетата на папата Фрањо на нашата Земја.
Првата би била добрите билатерални односи помеѓу двете Земји. 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Соработката на различни нивоа: културни, историски, општествени итн. Висока државна делегација, секоја година на 24 мај патува за Рим на поклонение на гробот на свети Кирил во базиликата Свети Климент и редовно Светиот Отец, секоја година, веќе со децении наназад, ја прима нашата државно - црковна делегација во аудиенција.


Втора и една од многу важните причини за посетата на папата Фрањо на нашата Земја се отчитува веќе од почетокот на неговиот понтификат, имено тој често пати зборува за „Црква на периферијата“. Оттука и мотото: „Не бој се,мало стадо!“ Тој доаѓа во посета на една малобројна, но жива и активна заедница, а сето тоа Папата го препозна и како наследник на апостол Петар сака да ја зајакне и охрабри оваа заедница во верата. Тој доаѓа како пастир на своето стадо, во посета на своите верници и на сите луѓе со добра волја за да даде видлив знак на заедништвото во верата.


Трета причина заради која Папата ќе ја посети Земјава е што Скопје е родниот град на света Мајка Тереза. Оваа светица од Скопје е пример и сведоштво за целиот денешен свет, како треба да се служи на оние кои се во најголема потреба и со каква љубов треба да им се пристапува. Овие две личности, имено света Мајка Тереза и папата Фрањо ја имаат во себе харизмата, чувството за љубов кон сиромашниот, кон оние во потреба, без разлика на раса, националност, вера.
 

24 април 2019, 23:04