Пребарување

Папата Фрањо со бискупот Стојанов Папата Фрањо со бискупот Стојанов 

Интервју на бискупот Стојанов по повод посетата на Папата

По повод Апостолската посета на папата Фрањо на Скопје – Македонија македонскиот интернет портал Католици.мк направи опширно интервју со Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх, кое го пренесуваме во целост

Превозвишени, познато е дека на 7 мај оваа година во еднодневна посета на Католичката црква во Македонија доаѓа Светиот Отец – папа Фрањо. Бидете љубезни и кажете ни нешто за Католичката црква во Македонија?

Навистина е тешко да се одговори кратко на тоа значајно прашање, но ќе се обидам. Кога говориме за Црквата во Македонија прво треба да имаме на ум поширок поим од сегашната наша Татковина. Што значи, зборувам за географскиот поим. Познато е дека христијанството дошло во Европа преку Македонија. Да се присетиме на настанот кога апостол Павле имал видение на човек од Македонија кој го повикува „Дојди, и помогни ни“. Да, христијанството на овие простори постои од почетокот. Постојаноста на христијанските заедници е непрекинатo до денес. Исто такa сакам да потсетам дека оваа подрачје е подрачје на дејствување меѓу Словените на учениците на светите Браќа, како што се светите Климент и Наум, чии што гробови се наоѓаат во Охрид. Најновиот цвет на нашата Црква е света Мајка Тереза, која е родена во Скопје, каде што ја примила својата христијанска формација. Црквата поминувалa низ тешки времиња на прогонство во Стариот век, за време на Османлиското царство сѐ до најново време. Католичката заедница која ја сочинуваат верниците од западен обред се организирани во Скопска бискупија, а верниците од источен обред се организирани во Епархијата „Успение на Пресвета Богородица во Струмица – Скопје“. Како оваа област е природно место на средби и раскрсница помеѓу Исток и Запад, две јурсдикции Цариград и Рим, тогаш е разбирливо дека христијаните во овие краеви поминале сѐ што историјата сочувала за тие значајни и тешки настани. Сегашната состојба е: 15 парохии и неколку филијали. Пасторално дејствуваат 22 свештеника. Верниците се од различни етникуми од кои најголемиот дел се Македонци, Хрвати, Албанци и други.

Каков е сега односот меѓу Црквата и Државата?

Македонија и Ватикан имаат дипломатски односи на ниво на амбасади. Моментално Апостолскиот нунциј за нашата Земја е со седиште во Софија – Бугарија. Секоја година Државна делегација патува за Рим на поклонение на гробот на свети Кирил во базиликата Свети Климент. Во програмата на таа средба редовно е и ауденцијата кај Светиот Отец. Сепак, сакам да потенцирам дека во составот на Државната делегација се наоѓаат претставници и на Православната црква и на Католичката црква. Често таа делегација е на највисоко ниво и Претседателот на една од трите Државни Институции, кој ја предводи Делгацијата се среќава лично со Папата. При Владата имаме Комисија за односи со Црквите, верските зедници и религиозни групи. Уставот на Македонија ги признава како историски верските заедници на: Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква и Еврејската верска заедница. Ние како претставници имаме редовни средби. Со еден збор може да се каже дека односите се добри и покрај тоа што секогаш постои можност и потреба за подобрување на тие односи. Црквата и Државата се одвоедни, но често на проектите за општо добро соработуваме. За сега верски училишта немаме, ниту веронаука во училиштата. За жал пристапот во болниците, затворите сѐ уште не е озаконет. Верската слобода е како и во останатите земји во транзиција. Разбирливо, сѐ е во процес кон посовршена демократија. Верските заедници се една од позитивните врски на целото општество, бидејќи не постојат тензии и нетрпеливост меѓу припадниците на верските заедници. Државата тоа го забележува и затоа позитивно ја оценува улогата на црквите и верските заедници во процесот на усовршување на општеството. Не би можел да изнесам ниту еден настан , а кој би можел да го наречам инцидент.

Превозвишени, како што кажавте во Македонија верските заедници се мултиконфесионални и мултиетнички. Каква е соработката со мнозинската Православна црква, но и со оние што не се вброени во Уставна категорија?

Го спомнав Меѓурелигискиот совет. На тие средби договараме ставови на Црквите и верските заедници, кога треба да се изјасниме на пример при донесувањето на некои закони, Уставни промени, но исто така кога треба да се бранат основните човекови права за слобода на совеста и за многу прашања за моралот и етиката. Што се однесува до соработката со помногубројната Праославна црква тие се задоволителни. Се посетуваме славејќи ги големите празници, личните средби се чести, особено кога доаѓа некој посетител во нашата или нивна Црква, а молитвената средба е заедничка само за време на молитвената осмина за единство на христијаните. Основното начело кое нѐ води е не само толеранцијата, туку повеќе од тоа, соработка и взаемно почитување, заедно да дадеме придонес како на верниците така и на сите луѓе со добра волја.

Како дојде до можноста Папата да ги посети Католичките верници во Македонија?

Познат е фактот дека секоја помесна Црква или Цркви во една држава во себе носат желба да ги посети Врховниот поглавар, односно Папата. Како во минатото и оваа столетие овозможи Папите да можат да патуваат надвор од ѕидините на Ватикан, што некогаш се велеше: „сите патишта водат во Рим“ сега може да се каже (за Папата) дека сите патишта водат од Рим. Доволно е да се присетиме како свети Иван Павле II неколку пати ја „прелета“ земјината топка. За Понтификатот на папа Фрањо ќе биде значајно дека Тој своите патувања често пати ги насочи кон малите и на периферија. Кога тоа го велиме го гледаме неговиот личен став кон луѓето од периферијата на општеството како и заедницата верници во дијаспората. Како што веќе е кажано дијалогот помеѓу Македонија и Ватикан е интензивирен, затоа и Претседателот на Државата, а и јас, упативме повеќе пати покана Светиот Отец да ја посети Македонија. На мојата молба и повик ми е одговорено: „Кога ќе бидам во можност ќе свратам на кратко“. Така и се случи, планирајќи патување во Романија и Бугарија така и Македонија дојде во програмата на Папските патувања. Времето го одлучува исклучиво Папата, ако не постои некој висок јубилеј и слично (Меѓународен ден на младите, Светскиот конгрес на семејствата, Евхаристиски конгрес…).

Едно лично прашање: дали не се изненадивте, а можеби и престрашивте кога дознавте дека Папата ќе дојде во Македонија?

Искрено говорејќи одговорот на Папата не ме изненади. Во сите претходни средби ми влеваше надеж дека до таа посета ќе дојде, бидејќи секогаш со симпатии ги следеше настаните во нашата Црква, да се присетиме на неодамнешното воспоставување на новата Епархија за навистина на мал број верници. Но, овде се гледа дека папа Фрањо не гледа на бројка, туку на достоинство и право на секој поединец и секоја група верници кои сите имаат право да бидат во целост и личност и Црква. А што се однесува до „стравот“ за организирање на неговото доаѓање, верував и верувам во Божјата провидност, единство и слога на нашите свештеници, поврзаноста на нашите верници и едноставно насетував дека ќе дадеме сѐ од себе најмногу што можеме, а останатото го препуштаме на соработката и помошта на пријателите и надвор од нашата Татковина. Но, имате право доколку навистина бев свесен колку се тие големи и напорни подготовки и организирање, веројатно и би се исплашил. Но сега работиме деноноќно и чувствуваме голема Божја присутност.

Како тогаш ја организиравте таа подготовка на организциско ниво и на ниво на духовната подготовка?

Што се однесува организациски, не е лесно но областите се поделени. Еден голем дел припаѓа на државните структури како што е организацијата при дочекот, обезбедувањето, сообраќајот, здравството и слично. Друга област преземат на себе одговрните лица од Ватикан кои во повеќе наврати дојдоа во Скопје и дадоа конкретни упатства за секој детал како што е уредувањето на просторот, поставувањето на олтарот, сместувањето на Светиот Отец и неговата придружба, кратко кажано нам ни остана достојно да слушаме и извршиме тоа што службата од Ватикан предлагаше. Останува покана на гостите (црковните достоинственици, нивното сместување) и слично. Целата логистика е заедничка со државата. Тоа што посебно сакам да го истакнам е духовната подготовка. Имено, секоја организација е полесна од духовната. Ако посетата на Светиот Отец е апостолско патување, а така е, наша задача е тоа апостолско патување да донесе духовни плодови. Дословно како онаа парабола од Евангелието: „треба да се обработи теренот“, односно да се подготви „нивата“ за да падне на плодна почва Божјото слово кое ќе биде во знакови и во навестувањето. Навистина важен е оној кој обработува и оној кој сее, но најважен е оној кој дава да расте, а тоа е Бог. Затоа упатив пастирско послание до сите верници во кое ја протолкував важноста на една ваква подготовка, а најповеќе во молитвата. Ја искористив таа пригода на верниците да им го објаснам верничкиот поглед и на логото и на мотото за оваа посета. Од друга страна на крајот на тоа пастирско писмо дадени се конкретни упатства како што се: секојдневна молитва за благослов на доаѓањето на Папата, печативме посебни слики со молитвен текст, одредено е секоја парохија да избере еден ден во седмицата така наречен „Папски ден“ кога верницити ќе се собираат на обожување, читање на Светото Писмо или некоја друга молитва. Исто така седмично се одржуваат катехези за сите верници што можат да дојдат, а на катахезите се обработува Таинствосто на Црквата и службите во Црквата на посебен начин Петровата служба во Црквата. Празнувањето на овогодишниот Велигден ќе биде на посебен начин еден вид духовна подготовка за прослава на Велигден, но и за непосредна подготовка за средба со Папата. Свештениците имавме посебен ден на пост и молитва за да и самите низ тоа време се обновиме и да се подготвиме и самите себе и верниците за тој голем настан да не биде некаква манифестација, туку навистина настан на верата. Од оваа Папска посета сакаме да ги собереме најголемите плодови што Бог сака да ни ги даде преку Петар на нашите денови. Што значи, тежината на подготовката е во молитвата, духовната обнова и растот во верата за да Бог може да сее на плодна почва.

Правиме сѐ внатре во својата човечка грешност од своја страна да го отвориме срцето и душата, бидејќи за нас верниците тоа ќе биде ден од огромна милост.

Превозвишени, објаснете ја барем на кратко на нашите читатели смислата на геслото: „Не бој се, стадо мало“ и логото на кое гледаме дека има три елементи: христијанскиот симбол (крстот), државниот симбол (знамето) и бојата на сарито на света Мајка Тереза.

Кога размислував кое гесло да го земеме како мисла водителка на ова апостолска посета, некако ја доживеав како вдахновение мислата според Евангелието на евангелистот Лука: „Не бој се, стадо мало“ каде Исус ги поучува и храбри своите ученици во својата голема катехеза за Божјата провидност. Исус таму ограбрува и теши. Времињата во кои живееме често луѓето ги исполнува со малодушност, дури и безнадежност. Тоа искушение нѐ зафаќа и нас верниците. Христијанството без надеж ја губи својата смисла. Надеж е тоа што Црквата треба да влева во душата на човекот од денешницата. Да се теши и да се пробуди непоколеблива вера во Провидноста, која никогаш не го напушта човекот. Ете, мислам дека таа мисла е силна порака на Црквата и во нашето време и околности во кои живееме. Ни треба жива вера полна со надеж. Улогата на Петар – на Светиот Отец е – да „уцврствува во верата“. Заради тоа е земено тоа гесло на оваа апостолско патување.

Да, логото за посетата на папата Фрањо на Македонија содржи три главни елементти:

Првиот елемент е развиореното македонско знаме сместено во границите на Република Македонија. Земја која ја посетува Светиот Отец.

Вториот елемент е стилизираниот лик на папата Фрањо, опточен со сини линии што симболизира дека Папата доаѓа во земјата на Мајка Тереза. Ликот на папата Фрањо е претставен во полупрофил со десната рака ја благословува Македонија, со сите нејзини особености, а во левата рака го држи епископското жезло, што ја симболизира неговата пастирска посета на Македонија. Папата е во бело и во комбинација со жолтата боја од зраците на македонското знаме ги отсликува боите на ватиканското знаме.

Во долниот дел се бранови во сина боја, кои укажуваат на секојдневните предизивици, истакнувајќи го наследството кое Мајка Тереза го остава на Македонија, градот Скопје и овие простори.

Пријатно е да се слушне како духовно се подготвува Црквата за оваа посета, но не мислите ли дека оваа Папска посета има и некоја политичка димензија?

Познато е дека Апостолското патување надвор од Италија секогаш носи со себе две димензии: една е оваа духовна каде верниците го очекуваат својот поглавар и каде на најголем можен начин е истакнато црковното заедништво на еден дел од помесната Црква со Петровиот наследник. Сите средби, а особено литургиските средби се во атмосфера на обнова на верата. Меѓутоа, фактот дека Папа е суверен на една Држава – иако многу мала – средбата има меѓународно значење со највисоките државници на дотичната земја. И затоа во најширока смисла на зборот може да се говори и за политичка димензија. Обично Папата првиот дел од својата посета ја посветува на средба со државниот врв и дипломатскиот кор, но тој како Поглавар на црквата во сите тие средби го внесува ставот, погледот и науката на Католичката црква и тогаш редовно говори за општи теми како што се мирот, соживотот, напредокот, социјалната правда итн. Има посети кои можат да се наречат политички, а тоа е кога ги посетува големите центри на политичка моќ, како на пример: Обединетите нации или Европскиот парламент и сл. Во случајот за посетата на Македонија имам чувство дека таа ќе биде средба полна со достоинство, но и дека нема да навлегува во некои големи прашања. Тоа ќе биде принципиелен говор и средба на пријателство.

Дали мислите дека и државата и нејзините граѓани очекуваат некоја значајна „корист“ од оваа посета?

Природно е да се очекува, бидејќи е факт дека Папа е еден од најголемите морални авторитети во светот, тогаш неговиот збор и посета на Меѓународно ниво се доживува како меѓусебно признавање, почитување и заеднички напор кон подобрување, пред сѐ оние вредности кои се во криза, како што е на пример: мирот и етичките норми за живот. Секако дека Македонија со оваа посета ќе има еден голем плус на Меѓународната сцена. На таа средба ќе зборува Претседателот на државата и Светиот Отец. И двата говори верувам дека ќе имаат силни пораки, бидејќи на тој начин се изразуваат ставови со желба таа посета да допринесе со сигурност унапредување на соработката околу општото добро не само на оваа земја туку и пошироко во регионот.

Очекувате ли дека односите на Католичката црква и Државата после оваа посета ќе бидат подобри?

Веќе споменав дека односите се добри, фактот дека доаѓа до една ваква посета од висок карактер, знак е дека односите ќе бидат уште подобри. Не очекуваме некои сензационални поместувања, но едно е сигурно дека со уште поголема доверба ќе соработуваме на општо добро како за верниците на Католичкта црква, така и општото добро за целата заедница.

Дали гледате некоја новост за улогата на Вашата црква во општеството после оваа посета?

Во Евангелието ја читаме природата и мисијата на Црквата што ја дал Исус. Црквата е пророчка заедница, квасец и светлина на светот. Тоа се слики со кои Исус сакаше да каже дека Црквата, со својот живот, не како организација, туку како жив организам, живее и сведочи за вредноста на духот, но не само за духот во општеството во кое се наоѓа. Јасно, заради специфичните околности на времето и географската даденост сметам дека нашата Црква има посебна улога. Гледајте, ние ја живееме целата своја историја на крстосница. Но, крстосницата може да биде и место на средби. Од посетата на Папата очекуваме силна духовна обнова, бидејќи фактот дека ќе нѐ посети, нѐ упатува на тоа дека сака да ни каже дека сме на „вистинскиот пат“. Гледам, дека целта на Црквата е како онаа „која гради мостови“. Тоа да биде место на средби и дијалог, а не само на толеранција. Да бидеме носители не само ние, туку со останатите да бидеме дел во обновата на општеството што копнее кон подобро и посовршено. Никогаш тестото не е квасец, но никогаш нема да има свежо тесто без квасец. Така што со сета понизност и искреност очекуваме обнова на духот на нашите верници и со поголема одговорност и автентичност во сведочењето да бидат свесни, а и силни тоа што од нив го очекува овој час историјата да можат да го исполнат со нов запал, помогнати од Божјата милост. Во таа смисла со големата духовна обнова гледам и најголем придонес за Црквата од оваа посета.

Се извинувам, но не сите во Македонија се христијани, а познато ви е дека некои се и незадоволни?

Да, Македеонија е Татковина не само на Македонците, туку на сите народи што живеат во неа, а од друга страна Католичката заедница е многу мала, Македонската паравославна црква – ОА е најголема, постои силна Исламска заедница, а има и такви што не веруваат. Ние би сакале – што и Папата сака – оваа посета да биде најнапред посета на заедницата на Католичката црква, но и уважување и почитување на секој граѓанин на Македонија за унапредување на соживотот, промоција на духовните вредности и почитување на достоинството на секое човечко лице. Конечно, оној кој се противи на никаков начин не мора да учествува дури ниту во гледањето на програмата што го следи престојот на Папата преку ТВ. Тој за нас и за поголемиот дел на луѓето е гласник на мирот и бранител на достоинството на човекот. На никого не сака да му наштети, а каде и како може сака да помогне. И затоа очекувам дека оваа посета ќе помине во мир и на меѓусебно достоинствено почитување.

Спомнавте и се знае дека од христијаните во Македонија голем дел припаѓа на МПЦ-ОА, дали Папата ќе се сретне со Поглаварот и дали ќе бидат екуменски разговори, а посебно за статусот на МПЦ-ОА?

Престојот на Папата во Македонија – што вистински жалам – е многу краток, дословно околу 10 часа. Во една таква програма нема да биде можно за посебна средба со Поглаварот на МПЦ-ОА. Ќе биде екуменска и меѓурелигиска средбата во Спомен куќата на света Мајка Тереза, чија што харизма и светост нѐ обединува во најубава смисла на зборот, бидејќи таа е скопјанка и граѓанин на светот. Кога Папата ќе ја посети Спомен куќата и ќе се задржи во кратка молитва таму е предвидено да се поздрави со Поглаварот на МПЦ-ОА и со поглаварите на остнатите верски заедници што се во Уставот на Република Македонија. Тоа ќе биде кратка средба или поздрав полн со почит и уважување. Доколку Папата подолго би престојувал во Македонија можеби би била средба и со поедини Поглавари на Црквите и верските заедници, но неговагта улога не е, и не може да биде, било каков придонес во меѓуцрковните прашања на некоја друга, а не Католичка црква. Тој го почитува секој човек, така и христијаните и Поглаварот на Црквата со искрена почит, но не се смета ниту повикан, а ниту би имал право било што да направи што не е негова надлежност. Очекувам дека Поглаварот на МПЦ-ОА, како и останатите Поглавари на верските заедници да учествуваат на светата Литургија на Плоштадот Македонија. Уште една средба е наречена екуменска, а таа е со младите каде претставници на младите ќе имаат кратки прашања за Папата. Со таа средба наша желба е да се унапредува и натаму соживотот и соработката со другите и поинаквите како взаемно збогатување, а не одалечување. Младите како посебна група се отворени најмногу за соживот во иднината.

Ја спомнавте Спомен куќата на света Мајка Тереза. Која е во конкретна смисла посетата на тој Центар?

Гледајте, Мајка Тереза за светица ја прогласи токму папата Фрањо. Во таа година на прогласување во Католичката црква тоа се смета за најголема канонизација на годината. Многумина во светот Мајка Тереза ја познаваат само како света Мајка Тереза од Калкута. Повеќето луѓе не знаат дека е од Скопје, бидејќи таа својата харизма ја развива во служењето на сиромашните во Индија. Светиот Отец сака на посебен начин да одаде почит на нејзиното родно место и да упати посебна молитва, молејќи нејзино застапништво за сиромашните и таму ќе сретне една група на сиромашни наши браќа и сестри кои се најсиромашни меѓу сиромашните, а за кои водат грижа Сестрите на Мајка Тереза. Така е тоа еден вид порака на нашата најголема сограѓанка, но и желбата на Папата да се приближи до најсиромашните. Познато ви е дека Папата на своите патувања никогаш не ги заобиколува сиромашните. Би рекол симболично дека таа посета е: „бакнеж на сиромасите“. И од тука сметам дека тоа е голем чекор за освестување дека Мајка Тереза е наша сограѓанка, а сиромасите наши најблиски браќа и сестри. Од тука е важно што и Поглаварите на верските заедници се таму заедно, бидејќи токму како верници повикани сме да ги помагаме најсиромашните, болните и немоќните без да ги делиме според етничка и верска припадност. Претчувствувам дека тоа ќе биде една од најголемите пораки на оваа посета.

Како гледаме според програмата, после средбата во Спомен куќата на Мајка Тереза, следи света Литургија на Плоштадот Македонија. Како ќе изгледа тоа?

За нас како верници светата Литургија е најсветата средба, бидејќи тоа за верниците е средба со Бога и човекот. Најсвечената Литургија е таа која најповеќе говори за тоа заедништво за Бога и човекот. Како Црква сме во најголемиот степен на заедништво кога Литургијата ја предводи Светиот Отец, а сослужуваат бискупи и свештеници со учество на сите верници. Тоа го сметаме најголемиот чин на оваа посета. Прашавте: Како ќе изгледа тоа? Се осмелувам да кажам но и се надевам дека таа ќе биде најубавата Литургија во Скопје. За жал, факторот на времето и тука не ограничува, светата Литургија да трае одредено време. Ќе биде служена на латински и македонски, но сите верници ќе имаат прирачни книги каде внатре ќе биде на повеќе јазици. Проповедта на Светиот Отец ќе биде преведувана. Очекуваме дека таа проповед со која Папата се обраќа до нас верниците, но и до сите луѓе со добра волја дека ќе биде најсилна порака и оправдување на смислата на оваа посета. Во литургијата ќе учествуваат сите присутни кардинали, надбискупи, бискупи и свештеници, а ќе пее катедралниот хор и здружените хорови од повеќе краеви. Веројатно оваа Литургија со пренос на Македонската телевизија, ќе ја превземат и многу други светски телевизии. Така преку средствата за комуникација ќе биде далеку поголем број присутни со нас што ќе бидеме околу олтарот. Литургијата има своја силна порака во убавината и силата на средбата. Тоа што треба да го знаат сите учесници дека ќе бидат на време информирани и организирани за пристапот кон Плоштадот.

Од другите верски заедници, но и државни институции очекувате ли дека ќе учествуваат на светата Литургија?

Како што реков Евхаритијата е врв на средбата и затоа е на Плоштадот секој што сака може да учествува. Протоколарен обичај е на таква Литургија да учествуваат и претставници на другите верски заедници како и највисокиот државен врв.

Како што гледаме од распоредот Папата е Ваш гост. Претпоставуваме дека ќе биде во Вашата Резиденција. Дали тој простор е резервиран само за него или има и некои други гости?

Резиденцијата е место во која Папата де факто е дома. Да има Нунцијатура таму би престојувал, но кога нема тогаш редовно престојува во Резиденцијата на месниот бискуп. Како што гледате од распоредот во Скопје секоја минута е искористена, затоа во Резиденцијата ќе биде само Папата со неговата најтесна придружба. Сите останати високи гости се сместени по хотелите. После краткиот одмор се продолжува со вториот дел од посетата што ќе се одвива околу Катедралата.

После одморот следи средба со младите. Каде?

Како често сака да каже папа Фрањо, а вистина е, на младите е иднината на светот. Во своите дури и најкратки патувања не изостанува средба со сиромашните и со младите. Така и во Скопје покрај Катедралата е предвидена средба на која представници на младите од различни вероисповести ќе му постават прашања на кои Папата ќе одговори, но во одговорот би требала да биде и порака до младите не само на присутните туку на сите. Младите се тие кои имаат преспектива, сила и полет да го менуваат светот. Сепак, најзагрозената популација се токму младите, бидејќи често се без ориентир во животот. Папата ниту може, ниту сака да дава рецепти, но сака секако да ги подржи младите во нивното искрено настојување да работат за еден подобар свет во кој ќе можат да го остварат својот позив во градењето на животот. Верувам дека таа средба како и секогаш ќе биде распеана и радосна со воодушевување што е сопствено за младите. Пораката што ќе ја искаже Папата може да биде „Carta magna“ за нашиот пасторал за млади, но и охрабрување за соживот и соработка на младите генерации без поделби на клуч по вера или нација.

Да, гледаме дека средбата во Катедралата е придржана само за свештениците, чесните сестри и за свештеничките семејства. Која е содржината на таа средба?

Обичај е Папата да има средба со бискупите на подрачјето кое го посетува. Меѓутоа, и заради краткиот престој и заради фактот дека е само еден Ординариј, средба ќе има со свештениците и првите соработници на бискупот. Тоа е предвидено како една блиска средба со оние „што го носат товарот на денот и жегата на сонцето“ а тоа се свештениците и нивните соработници на теренот. Ако некој, и свештеникот треба поткрепа, подршка, а и признавање. На оваа средба очекуваме токму една таква атмосфера каде на Папата ќе може да се изнесат неколку сведоштва и да ја слушнеме неговата порака за најблиските соработници во пасторалот. На оваа средба не е предвидено гостување на другите поглавари на црквите ниту претставници на државните институции. Не би рекол дека е затворена средба, бидејќи ќе ја пренесува телевизијата, но, сепак, средбата за животот на свештениците, чесните сестри и соработниците е многу важна. Верувам дека пораката на Папата ќе биде многу јасна и силна, бидејќи од досегашните искуства гледаме дека на таа средба посветува големо внимание.

Со средбата во Катедралата завршува официјалнит дел на посетата на Папата. Следи уште испраќање на Аеродромот и проштална церемонија?

Да, од Катедралата Папата со придружбата ќе се упати кон Аеродромот. Според протоколот на Аеродромот го испраќа Претседателот на Државата, Претседателот на Владата, Апостолскиот Нунциј и Бискупот Ординариј.

Како што изгледа ова ќе биде една од најголемите собири што се организирани во нашиот град. Кого поканивте од великодостоинствениците?

Со Папата доаѓа неговата вообичаена придружба, а тоа се неколку кардинали и бискупи од Државниот секретаријат и церемониерите. Нам ни остана да поканиме бискупи и кардинали со кои ние сме поврзани. Го задржав принципот и го поканив нашиот митрополит, Кардиналот од Сараево, епископите на нашата Епископска конференција и епископите од територијата на поранешна Југославија, како и нашите соседи. Повеќето од нив се одѕваа. Очигледно дека има голем интерес, а нивното доаѓање ние го прифаќаме како голем знак и израз на нашето заедништво.

Дали се плашите од некои провокации?

Не. Во секој случај се е во Божји раце, а се надевам дека нашата молитва и слога на сите граѓани што живееме во Македонија и овој пат ќе биде доказ како се живее сложно и во заедништво и покрај сите разлики и различности. Исто така верувам и во структурите на државата кои се задолжени за чување на редот и изразувам длабока почит кон нивната одговорна служба. Впрочем, нека Бог на мирот подари мир на оваа средба.

На крајот едно храбро прашање. Знаеме дека оваа посета многу чини. Дали можете да кажете колку и кој плаќа?

Храбри сте во прашањето и јас ќе се потрудам во одговорот. Личноста која доаѓа нема цена. Оттука навистина не знам колку чини, а едно знам дека има добри луѓе и институции кои сето тоа финансиски ќе го подржат.

Превозвишени ви благодарам. Кажете ни сега на кратко што и кои плодови ги очекувате како благодат од оваа посета?

Како прво, очекувам големи плодови на милост за верниците на нашата Црква и за сите други верници што имаат отворено срце за Божјото слово и желба дека и самите можат да придонесат кон изградбата на посовршено општество каде нема да биде осиромашување на духовните вредности. Реално очекувам обнова на нашата вера и храброст уште поавтентично да ја живееме и не само во исповедувањето туку и во извршувањето, односно отворени кон сето тоа што е добро и да бидеме достојни наследници на харизмата на света Мајка Тереза, да ги сакаме и помагаме нашите браќа во потреба. А што се однесува пошироко, верувам дека посетата на Папата ќе придонесе за стабилноста во регионот каде што тензиите и многуте двосмислености сè уште постојат. Оваа посета може да биде знак на добра волја да ја почитуваме нашата совест и достоинството на секоја личност и народ и да живееме со повеќе плодови на соработка и безбедност. Молитвата е онаа која ме инспирира да јас и нашите верници, можеме тоа да го очекуваме дека Бог ќе ни помогне, бидејќи, како што реков, ние оваа посета ја доживуваме како знак на Божјата љубов и зацврстување во верата. Кога зборуваме за мотото “не плаши се, мало стадо“, да не заборавиме дека во тој пасус Исус зборува за надежта во Божјата бесконечна татковска грижа за сета природа, а камоли за човек кој е негова слика.

Превозвишени ви благодарам и нека е со благослов.

26 март 2019, 19:02